Синдикатот на Фолксваген е против отворање на фабрика на Балканот
Советот на работници на Фолксваген се спротивстави на идејата за нова фабрика на Балканот, објавија локалните германски медиуми.
VW во моментов планира да изгради нов производствен капацитет во југоисточна Европа, за чија локација конкурираат неколку земји од регионот..
Според германскиот весник Билд ам Зонтаг, Синдикатот ќе гласа против проектот на седница на Надзорниот одбор на пролет, бидејќи смета дека нема потреба од инвестиција од над една милијарда евра.
Ова тело, кое го претставуваат вработените во компанијата, смета дека постојните производствени капацитети во Европа не се целосно искористени и не треба да се „фрлаат“ пари за дополнителни фабрики.
Според Билд, повикувајќи се на интерни документи, VW анализира 10 локации во Романија, Србија, Бугарија и Турција за изградба на нов објект.
Планот е да се отвори нов објект во кој производството треба да започне во 2022 година.
Според претходните извештаи, оваа нова фабрика треба да произведе 350.000 возила годишно.
