Синдикатот на администрацијата реагира против Владата откако им се укина флексибилното работно време
Синдикатот на државната управа реагира против одлуката на Владата која на вчерашната седница времено го суспендира флексибилно работно време за сите вработени во администрацијата и наместо сегашното работно време од 07:30 до 15:30 и од 08:30 до 16:30, од први октомври за сите ќе важи работното време од 08:00 до 16:00 часот.
УПОЗ тврди дека не бил претходно информиран и консултиран како социјален партнер. Од таму тврдат дека во Гранскиот колективен договор потпишан во почетокот на оваа година стои дека работното време е флексибилно.
„Ваквата одлука, за Синдикатот на УПОЗ е нејасна и конфузна и веднаш создаде револт меѓу вработените од причина што Владата со носењето на ваквата одлука сметаме дека не го почитува социјалниот дијалог, постапува спротивно на Конвенциите на Меѓународната организација на трудот и го негира Гранскиот Колективен договор за органите на државната управа“, соопшти УПОЗ.
Синдикатот тврди дека одлуката не може да биде донесена еднострано и се надева дека Владата ќе ја преиспита одлуката.
