Синдикатот бара зголемување на платите за војниците, а Министерството за одбрана ги објави платите
Независниот синдикат за одбрана бара зголемување на основната плата за 20 oтсто. Претседателот на синдикатот, Марио Јуришиќ изјави дека во последните две години платата на воениот персонал и вработените во одбраната воопшто не е зголемена. Тој побара ревидирање и изнаоѓање решение за статусот на професионалните војници до пензионирање.
„Доколку ги пресметаме платите на вработените во одбраната, на сите нивоа – професионален војник, цивилен, подофицер и офицер – ќе видиме дека платите се исти и во февруари 2024 година, како и во декември со последната плата за 2025 година. Поради тоа бараме овој систем да се преиспита, бидејќи нашите припадници со таа плата не можат да ги купат истите работи што ги купувале во февруари 2024 година и да ги купуваат истите во 2025 година“, вели Марио Јуришиќ, претседател на Независниот синдикат за одбрана.
Јуришиќ кажа дека се сретнале и со министерот за одбрана, но им било соопштено дека зголемување на платите не е планирано.
Со реакција излезе Министерството за одбрана, од каде нагласуваат дека секое синдикално барање треба да се разгледува преку дијалог и дека постојано се работи на подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата и нејзините вработени. Според нив, за првпат редовно се исплаќаат сите надоместоци согласно Колективниот договор, вклучувајќи кирија, исхрана, превоз и додатоци за прекувремена работа, ноќна работа и ангажмански задачи, кои се додаваат на основната плата.
Просечната плата на професионален војник изнесува околу 35.700 денари, а на еден полковник 70.200 денари, соопштуваат од Министерството, додавајќи дека другите додатоци значително ја менуваат вкупната сума во однос на она што беше изнесено на денешната прес-конференција на Синдикатот.Од Министерството за одбрана исто така информираат дека припадниците кои ќе наполнат 45 години можат да изберат меѓу надомест во висина од две просечни плати за секоја година стаж или да продолжат да работат како цивилни лица во Армијата или во други институции, додека се разгледуваат и можности за задржување на одредени војници по 45-годишна возраст во специфични служби.
