Синдикатот бара зголемување на минималната плата, барем за 1.000 денари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) испратил предлог до Владата на РСМ со кој бара минималната плата во земјата да се зголеми само за 1.000 денари. Тоа би значело дека и најголемиот синдикат-застапник на работничките права се согласува со Владата во планот да се зголеми минималецот, иако од таму сметаат дека тој треба да порасне на околу 15.500 или 16.000, како што најавуваа одредени функционери изминатиот период.
Ова го потврди Дарко Димовски, претседателот на ССМ, за „Независен“. Тоа би значело дека според синдикатот минималниот приход на редовно вработен био требало да биде 13.500, наместо сегашните 12.500. За истиот предлог било разговарано на последната средба на синдикалците со премиерот Зоран Заев во јули.
„ССМ укажува дека во услови кога синдикалната минимална кошница за јули 2019 година изнесува 32.653 денари, а само трошоците за храна изнесуваат 13.575 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува 60 проценти од просечната плата во државата“, изјави Димовски за весникот.
Во најавениот ребаланс на буџетот се предвидени средства за субвенционирање на работодавачите кои ќе ги зголемат платите на своите работници, но истиот треба да биде прво разгледан на владина седница.
