Синдикати: Македонските работници работат во услови како во 1886!
Законите се мртво слово на хартија, а работниците во Македонија ги немаат ни основните услови за достоинствена работа, истакнаа синдикалните организации и левичарските здруженија кои денеска организираа првомајски протести во Скопје.
Со протестна прошетка пред Собранието и пред Владата тие го одбележаа Меѓународниот ден на трудот и испратија порака дека работничките права во земјава се сосема погазени.
„Ги повикувам од Министерството за труд и социјала да погледнат колку луѓе работат денеска на празникот и дали ќе земат плата. Денес има работници кои работат по 12 часа, а им се плаќа само за осум часа работно време“, вели Маријан Ристески, претседател на Конфедерацијата на независни синдикати.
„Нашите работници во денешни услови работат во услови како во 1886 година, кога и се случи првичниот протест. Се враќаме со изворен синдикализам и нашите барања ќе најдеме начин да ги наметнеме. Ова веќе не може поинаку“, порача Тама Чаусидис, претседателка на Синдикатот на новинари и медиумски работници.
Според Здравко Савевски од левичарското здружение „Солидарност“, состојбата со работничките права во Македонија е многу лоша и затоа празникот на трудот може да се одбележува само со протест.
Денешниот протест го организираа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ, Движењето за социјална правда ЛЕНКА и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ).
Фото: А1он
Слично
