Синдикати и хонорарци ќе протестираат заедно со студентите во петок!
Пред неколку минути на официјалната страна на Фејсбук синдикатите, организациите и активист(к)ите, организатори на протестот против плаќање придонеси за хонорарите ја изразија нивната поддршка и солидарност со студентите повикувајќи ги сите граѓани да учествуваат на студентскиот протест овој петок пред Владата на РМ.
„Ние и студентите во последните неколку месеци сме изложени на истата политика на опресија, игнорирање и исклучување од страна нанадлежните власти во однос на предложените и усвоени законски измени за државниот испит и за плаќањето придонеси за задолжително социјално осигурување за хонорарите. Уште повеќе, ваквите политики и практики на актуелната власт ги загрозуваат и ускратуваат човековите права не само на директно засегнатите групи (студентите и хонорарно-ангажираните работници), туку и на сите останати индиректно засегнати субјекти - универзитетските професори и останатите академски работници, вработените во редовен работен однос во сите бранши, средношколците, родителите, пензионерите“, стои во соопштението.
Според нив методот на кој власта ги усвојува и спроведува законските решенија е недемократски и исклучувачки – во отсуство на дијалог со најзасегнатите граѓани, на товар на сиромашните и обесправените, а во спрега со послушните поданици во квази-независните тела и институции, како ССМ и СПУКМ, со цел за уште поголемо богатење на најбогатите и следствено, зацврстување на сопствените позиции на моќ и привилегии.
Уште повеќе, ги фрапираат информациите за забрзано воведување мерки на засилен надзор и ригорозни казни поврзани со непочитување на веќе усвоените законски решенија, чија основна цел во суштина е зголемување на атмосферата на страв, закани и уцени и неоставање простор за делување.
„Ние организаторите на протестот против плаќањето придонеси за хонорарите апелираме за масовна солидарност и поддршка на студентите во нивната борба за остварување на нивните права и за враќање на автономијата на универзитетите, затоа што таа е и наша, заедничка борба – борба против политиките на опресија, исклучување и игнорирање. Таа е една те иста борба, борба за човекови права, борба за подобра правна држава, борба за поголема социјална правда и еднаквост.
Во ваквата борба, не постои друга алтернатива за промена, освен масовната солидарност во покажувањето ненасилен отпор“, стои на крајот на соопштението.
Имено, да потсетиме дека Студентскиот пленум најави протест за на 26.12.2014 (петок) во 14 часот а како збирно место ја најавија Владата на РМ.
