Економија, финансии, бизнис

Контакт

Симболот на СФРЈ и луксузот на Тито срамнет со земја: Од хотелот каде доаѓаа светски ѕвезди останаа само куп камења

Симболот на СФРЈ и луксузот на Тито срамнет со земја: Од хотелот каде доаѓаа светски ѕвезди останаа само куп камења

Уривањето на некогашниот хотелски комплекс во Купари, во близина на Дубровник, започна минатата година, а денес од поранешните луксузни хотели не остана речиси ништо. На местото каде со децении се издигнуваа престижни објекти, сега има само купишта шут и градежен материјал.

Единствениот објект што опстана е хотелот „Гранд“, кој ќе биде обновен и ќе стане централен дел од новиот туристички комплекс.

Според најавите, на оваа локација наскоро ќе започне изградба на нов ексклузивен ресорт, кој има потенцијал да стане еден од најлуксузните на Јадранот. Инвеститор е сингапурската компанија HPL, партнер на глобалниот бренд Four Seasons, која доби концесија на 99 години.

Проектот предвидува хотел од висока категорија, луксузни апартмани и вили, како и дополнителни содржини – базени, ресторани, спа-центар и марина. Посебен акцент ќе се стави на зачувување на природниот амбиент, со модерни архитектонски решенија и зелени покриви.

Доколку плановите се реализираат, Купари во следните четири години би можеле целосно да го променат својот изглед и по повеќе од три децении запуштеност повторно да станат престижна туристичка дестинација.

Купари во втората половина на минатиот век беа симбол на луксуз во поранешна Југославија. Комплексот служеше како воено одморалиште за високи функционери, дипломати и гости од светот, а таму престојувал и претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито.

По војната во 1991 година, комплексот беше уништен и со години запуштен. Денес, со рушењето на старите објекти, започнува нова фаза која би можела да му го врати некогашниот сјај.

Курир.рс

Слично

Поврзани вести