Силни импресии од тест возењето на новиот Mini Countryman во Германија
Екипата на Фактор имаше одлична можност да учествува во првото тест возење на новиот модел Mini Countryman на турата која BMW ја организираше од Германија до јужен Тирол во Италија преку Австрија, поминувајќи фантастични моменти низ прекрасни предели со овој забавен и привлечен автомобил.

Mini Countryman ги задржува основните надворешни естетски карактеристики на своите претходници со „коцкаста“ шасија, но овој пат под влијанието на германската групација BMW е многу поробустен, има поголем и помоќен мотор и е вистински убавец наменет како за градско возење, така и за подолги патеки со голема комоција и удобност во секоја смисла.

Турнејата за новинарите траеше неколку дена, па Фактор заедно со останатите екипи имаше доволно време одблиску да се запознае со сите модели на Mini Countryman кој е спој на елеганција и спортски дух, а може и без никакви проблеми да се снајде и на потешки терени што е одлично за сите авантуристи.
Новиот модел на Countryman има четири различни видови на јачина на моторот и два вида на менувачи. Секој мотор може да се комбинира со погон на предни или на сит е тркала, како и со мануелен или автоматски менувач.

Основниот мотор е опремен со трицилиндричен бензински турбо со 1.5 литри и 136 КС. Cooper во дизелска верзија има 2 литарски мотор со 150 КС, а појаката SD верзија развиба 190 КС.

Најсилната верзија со ознака S има дволитарски турбо бензинец со 192 коњски сили. Ако сакате еколошка верзија тогаш ви треба плаг-ин верзијата за хибридна комбинација, додека пак, најспортски перформанси со големини брзини се одликува John Cooper Works моделот со дури 231 КС.

