Земјоделскиот комбинат Пелагонија АД Битола ја заврши 2025 година со значително подобар финансиски резултат, покажува најновиот годишен извештај за работењето на комбинатот објавен на Македонска берза.
Според него, добивката пред оданочување за периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година изнесува 134.386.000 денари, односно околу 2,18 милиони евра, што претставува раст од 397 проценти во однос на истиот период претходната година.
- Зголемувањето на добивката се должи пред сè на растот на оперативните приходи за 23 проценти, односно за 229.657.000 денари (околу 3,73 милиони евра), додека оперативните расходи се зголемиле минимално – за 1 процент, односно за 10.503.000 денари (околу 171 илјада евра).
Во анализираниот период заклучно со 31 декември 2025 година, друштвото остварило оперативни приходи од 1.217.754.000 денари, односно околу 19,8 милиони евра, што е раст од 23 проценти на годишно ниво. Најголем дел од овие приходи доаѓаат од продажба, кои учествуваат со 77,55 проценти во вкупните оперативни приходи.
Приходите од продажба се зголемени за 93.685.000 денари, односно околу 1,52 милиони евра, што претставува раст од 12 проценти во споредба со претходната година - се посочува во извештајот.
Притоа е нагласено дека оперативните расходи заклучно со 31 декември 2025 година изнесуваат 985.467.000 денари, односно околу 16 милиони евра, и се само малку повисоки од претходната година. Во истиот период се евидентирани финансиски приходи од 45.000 денари (околу 730 евра), додека финансиските расходи изнесуваат 49.139.000 денари, односно околу 798 илјади евра.
Во однос на задолженоста, ЗК Пелагонија АД Битола нема обврски по основ на долгорочни кредити, што е видливо и од билансот на состојба. Во текот на 2025 година не е донесена одлука за исплата на дивиденда, ниту е извршена исплата за претходната година.
Компанијата во текот на годината набавила основни средства во вредност од 11.271.000 денари (околу 183 илјади евра), додека продала земјоделска механизација со сегашна вредност од 18.965.000 денари, односно околу 308 илјади евра, при што е остварена добивка од 861.000 денари, или околу 14 илјади евра.
- Со оглед на специфичноста на дејноста – земјоделското производство, кое во голема мера зависи од временските услови како дождови, суши и други климатски фактори, од компанијата засега не објавуваат финансиски план за 2026 година - се наведува во извештајот.
