Силен раст на залихите во САД, цените на нафтата паѓаат!
Цените на нафтата ослабнале во тргувањето во Азија поради силниот раст на залихите во САД и саудиското отфрлање на предлогот за намалување на производството на таа сировина.
До пресврт на трендот на опоравување на цените дошло после синоќешниот извештај на американското Министерство за енергетика за зголемување на комерцијалните залихи на сирова нафта за 2,1 милион барели, на највисоко ниво во осум децении, и голем раст на залихите на бензин и други нафтени деривати.
Американската „Лесна“ нафта WTI за испораки во март паднала за 27 центи, или 0,88 одсто на 30,50 долари за барел, а сировата нафта „брент“ за априлскте испораки ослабела 33 центи, односно 0,96 проценти на 33,95 долари.
Нафтата WTI претходниот ден скокнала за повеќе од седум посто, додека „брентот“ забележал раст од 5,6 проценти, откако Саудиска Арабија и Русија, двата најголеми произведувачи во светот, се договорија да го замрзнат своето производство на нивоа од јануари, под услов и другите светски нафташи да го следат нивниот пример.
Тоа ги прегреа надежите дека нафтениот пазар ќе се стабилизира, откако цените минатата недела потонаа близу до 13-годишниот минимум.
Растот на американските залихи обично укажува на слабата побарувачка во земјата кој е водечки светски потрошувач на нафта, и претставува лоша вест за пазарот кој се дави во преобилната понуда.
Опоравувањето на цените на „црното злато“ го запре и изјавата на саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џубеир дека Ријад одбива било каква редукција на своето производство на тој енергент.
„Ако другите произведувачи сакаат да го ограничат или да се согласат на замрзнување во услови на прекумерно производство, тоа може да има влијание на пазарот, но Саудиска Арабија не е подготвена да го намали производството“, изјавил Џубеир вчера во интервју за Франс прес.
