Сијарто: Унгарија има намера да ја оспори одлуката на ЕУ за забрана на снабдувањето со руски гас
Унгарија има намера да ја оспори одлуката на Советот на Европската унија за забрана на испораката на руски гас пред Европскиот суд на правдата. Ова го изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто истакна дека Унгарија ги смета постапките на Советот на ЕУ за нелегални, бидејќи одлуката не е донесена едногласно, туку со квалификувано мнозинство, што се објаснува со проценката дека станува збор за трговија, а не за санкции.
„Поради ова, Унгарија и Словачка не можеа да ги искористат своите права на вето, и ние ќе се жалиме пред Европскиот суд на правдата поради ова“, рече Сијарто во интервју за телевизијата М1, пренесува Тасс.
Според одлуката на Советот на ЕУ, новите договори за купување руски гас ќе бидат забранети од 1 јануари 2026 година, додека постојните краткорочни договори мора да бидат завршени до 17 јуни 2026 година, а долгорочните договори можат да продолжат до 1 јануари 2028 година.
