СИГУРНА ИНВЕСТИЦИЈА: Каде е најпаметно да ги вложите вашите пари годинава
По три години загуби, златото од почетокот на годината зајакна повеќе од осум проценти, со што се искачи на врвот на скалата на најсигурни инвестиции за оваа година на глобално ниво.
Во овие несигурни времиња како последица на стравот од глобална рецесија, слабеење на доларот и кредитните разлики во ЕУ, златото по се' изгледа е најсигурна инвестиција.
Цената на златото во наредните недели би можела да порасне за 5 отсто, а за неколку месеци дополнителни 15 проценти, па аналитичарите советуваат вложување во овој благороден метал.
Вредноста на златото е на највисоко ниво во последната година, поради превирањата на светските финансиски пазари и остриот пад на цените на акциите па инвеститорите бараат сигурно прибежиште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за сигурни во неизвесни времиња. Крајот на минатата недела унца злато достигна 1.261 долари, зајакнувајќи пет отсто за еден ден.
Аналитичарите велат дека цената на златото на светските берзи можеби накратко стагнирала, но сепак минатата недела е најдобра за овој благороден метал во последните четири години, што може да сигнализира дека инвеститорите бараат сигурно место по големите промени на пазарот на акции.
