Сигналите за економијата се позитивни, но ризиците демнат!
Порастот на индустриското производство е позитивен сигнал за економијата, но ризикот сеуште постои, сметаат дел од економистите. Статистиката регистрираше пораст на индустриското производство од 6,9 во октомври годинава, во однос на истиот месец лани. Во перидот јануари-октомври 2013 година споредено со истиот период минатата година, тогаш порастот на индустриското производство е 2,6 проценти. Пораст е забележан во секторот рударство и вадење на камен од дури 9,7 проценти, кај преработувачка индустрија растот е 7%. Пад од 0,8 % е регистриран во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Дел од економистите велат дека сигналите што доаѓаат од индустриското производство веќе неколку месеци наназад се позитивни, но тоа не значи дека ризикот поминал.
Сепак, сметам дека е сеуште ризично да се биде преголем оптимист, затоа што закрепнувањето е сепак бавно. Дополнително, може да забележите дека индустрискиот раст не е на широка основа, односно сеуште постојат индустрии кои се соочуваат со намалувања на производството. Подобрувањето на оваа слика ќе биде детерминирано од подобрување на економската состојба кај деловните партнери во еврозоната, како и интегрирањето на странските директни инвестиции кои во моментот се воспоставуваат во Македонија во производниот систем на нашата економија. Дотогаш, дел од индустриите секако ќе бидат помогнати од капиталните инвестиции на државата, но со оглед на тоа дека потребата за фискална консолидација на нашиот буџет ќе станува се` поголема, ќе биде клучно индустрискиот раст да биде повеќе темелен на движењата во приватниот сектор, вели за Фактор професорот Марјан Петрески, од Американ Колеџ.
Бизнисмените оптимисти
Дел од бизнисмените сметаат дека порастот на индустриското проиозводство влева оптимизам за бизнисот и севкупната економија.
Порастот на индустриското производство од 6,9% во споредба со истиот месец лани, е позитивен сигнал за бизнисот и економијата во земјата, особено кога ќе се земе предвид дека индустриското производство излезе од негатива. Скромните позитивни економски трендови во Еврозоната, пред се со очекуваната зголемена побарувачка на наши производи, ќе претставува дополнителен инпут за реализација на планираните развојни активност на компаниите. Сето ова е во насока и ќе придонесе за зголемување на економскиот раст во земјата, вели Митко Алексов, извршен директор на Сојуз на стопански комори.
Генерално стопанствениците очекуваат подобрување на економските состјби и позитивно го оценуваат порастот на индустриското производство , но сепак предупредуваат дека економијата не закрепнува толку лесно.
Ние знаме дека економијата не закрепнува толку лесно, затоа треба внимателно да се следат движењата и тие параметри да се зачуваат. Ние сме оптимисти, се надеваме на подобро, но треба да бидеме поактивни за привлекување на свеж капитал, на странски инвеститори. Сепак важно е и владата да се насочи и кон регионалните пазари за заеднички настап кон трети земји. Градежниот сектор и натаму ќе биде клучен, но сепак имајќи во предвид дека станува збор за зимски период тоа ќе мора да биде гранка која е вразана со градежништвото, вели Мендерес Кучи, од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Груевски: Македонија влегува во подобра фаза
На почетокот на месецот премиерот Никола Груевски изјави дека пoрастот на индустриското производство им дава сигнал и на инвеститорите и на нашите стопанственици дека е време за реализација на развојните планови.
Македонија влегува во една подобра фаза и е влезена веќе во една подобра фаза што дава надеж дека заедно со движењето на европската економија во еден добар правец, а таму веќе има предвидувања дека работите ќе одат кон подобро во следната година, дека и следната година ќе имаме добар раст на економијата и на индустриското производство, изјави премиерот Никола Грувески на 7-ми ноември годинава.
Што кажува статистиката?
Статистиката покажува дека од 2011 почна континуиран пад на иднустриското производство кој траеше цели 18 месеци. Според статистичките податоци од почетокот на годинава два пати имаше пад на индустриското производство, и потоа заклучно со октомври осум месеци по ред пораст.
Индустриското производство е еден од клучните параметри за Бруто домашниот производ. Според проекциите на Народната банка на Македонија, годинава економија ќе оствари раст од 3 %, догодина 3,7 проценти, а стапка од 4,4% проценти се очекува економијата да достигне во 2015 година. На последната мисија во земјава, Меѓународниот монетарен фонд ја ревидираше проекцијата за економскиот раст на 2,5 %, а оценката беше дека економијата закрпенува побрзо од очекуваното. Монетарците порачаа буџетскиот дефицит да не се продлабочува, но да не се кратат парите за патишта и железници.
Ј.С
