Шверцерите на бегалци земаат до 12 000 евра од човек
Се започнува во Турција - оттаму тргнува маршрутата на шверцерите за мигранти.
Почетокот на мрежата на шверцерите се наоѓа во Турција. Ова е заклучокот до кој се доаѓа по распитите и признанијата на мигрантите кои се фатени на територијата на соседна Србија
„Во принцип сите мигранти признаваат дека даваат пари уште при влегувањето во Турција. Таму се наведува кррајната рута - од Турција, преку Бугарија, Србија, Унгарија, та дури до Австрија и Германија или некоја друга земја од Европската унија.
Шверцерите во Турција земаат по 7000, 10 000, та дури и 12 000 евра на човек“, велат од надлежните служби кај соседите.
Од канцеларијата на Европол во градот Ниш нагласуваат дека станува збор за добро организирана криминална мрежа со џиновски профит.
„Само во изминатата година од миграционата криза шверцерите имаат добиено помеѓу 5 и 6 милијарди евра. Проценките за оваа година се дека оваа сума ќе биде значително поголема“, вели Зоран Косановиќ од бирото на Европол во Ниш.
Потсетуваме дека по создавањето на мешаните српски воено-полициски патроли до 18 август се откриени над 3100 мигранти, кои се обиделе да влезат во Србија од Бугарија или Македонија. Во оваа година бројот на приведените шверцери на луѓе во Србија е значително повисок во споредба со оној од минатата година.
