Швајцарија: Дефлација, рекорден профит на централната банка и невработеност!
Во Швајцарија се бележи дефлација, централната банка најавува рекорден профит, а невработеноста расте.
Невработеноста во Швајцарија е во пораст од јули минатата година, а бројот на невработени на крајот на декември 2014 година изнесуваше 147.369 што е за 10817 лица повеќе отколку на крајот на ноември, објави Секретаријатот за економија (SECO).
Невработеноста во декември продолжила со растот, па стапката на лица без работа изнесувала 3,4 одсто од работно способното население, што е за 0,2 проценти поени повеќе од ноември, пренесува швајцарскиот весник 24часа. Во споредба со декември 2013 година, бројот на невработени во Швајцарија е сепак нешто помал (за 2068 лица или 1,4 одсто) истакнуваат во Секретаријатот.
Невработеноста помеѓу младите (15 до 20 години) во декември пораснала на месечно ниво (3,0 одсто), но на годишно ниво е во пад за 4,1 одсто.
Централната банка очекува рекорден профит во 2014.
Централната банка на Швајцарија очекува во минатата година да остварила рекорден профит од 38 милијарди франци (31,6 милијарди евра) благодарение на добивката врз основа на девизните сретства и резервите во злато.
Од управувањето и инвестирањето во девизните резерви, централната банка очекува профит од 34 милијарди франци (33 милијарди долари), а од златните резерви добивка од четири милијарди франци, пренесува Франс прес, и додава дека офицјиалните податоци ќе бидат објавени на 6 март.
Податоците објавени претходно оваа недела покажуваат дека вкупната вредност на девизните резерви на централната банка пораснале на рекордни 495,1 милијрди франци до крајот на декември минатата година.
Дефлација 0,3 одсто
Потрошувачките цени во Швајцарија во декември паднаа на годишно ниво на 0,3 одсто, после минусот од 0,1 одсто во ноември, според денешните објавени податоци на Федералниот завод за статистика, со седиште во кантонот Нушател.
Индексот на цените во декември 2014 година изнесувал 98,6 поени, во споредба со 100 поени во декември 2010 година.
Лекови, облека и обувките во последниот минатогодишен месец поефтиниле, додека цените во јавниот сообраќај пораснале, пренесува швајцарскиот весник 24 часа.
