Економија, финансии, бизнис

Контакт

Штрајкот во образованието ставен во мирување, ќе се смират ли и притисоците?!

Штрајкот во образованието ставен во мирување, ќе се смират ли и притисоците?!
Училиштата, градинките и институциите од културата продолжуваат со настава. Куртулија од штрајк, притисоци, но и од нервозни наставници, кои конфузни колку и родителите  и децата, беа во исчекување што ги чека од денешниов ден. Најавениот штрајк во образованието, науката и културата кој вчера беше ставен во мирување, остави простор за уште една ревизија на одлуките од двете инволвирани страни. Раководството на СОНК вели дека интензивните преговори ќе стартуваат уште денеска. За синдикалците последната одлука за штрајкот да се стави во мирување и  да се создаде и отвори можност за нови преговори со надлежните, треба да  донесе позитивен пристап во  решавање на долгогодишните проблеми во образованието. Дел од наставниците кои целосно застанаа зад одлуките  на СОНК велат дека ова е можеби најдоброто решение во моментов, бидејќи под огромните притисоци надвладеал „здравиот разум”. Други пак последните случувања ги оценија како очекуван чекор на нерешителните   синдикални лидери. Како кулминираа притисоците? Неколку наставници  во едно битолско основно училиште велат  дека последниве две недели работите излегле од контрола дотаму што колеги наставници веќе меѓусебно престанале да комуницираат за службени работи, избегнувајќи го дури и обичното поздравување од “чиста култура”. Кулминација била вчерашната прес-конференција на дел од директорите на училиштата на која децидно биле искажани ставовите против одржување на најавениот штрајк во образованието и последиците од истите.
“Штрајкот според мене не може да го наруши образовниот процес ниту да влијае на знаењето на учениците. Тоа е легитимен метод и начин на изразување на незадоволството. Дали според надлежните е демократски и во ред да се бара замена на наставниот кадар? Секој беше исплашен, па дури и оние кои и против своја волја се декларираа дека се против штрајк. Оваа ситуација уште еднаш ја стави под знак прашалник демократијата, бидејќи просветарите беа заплашувани и опоменувани за своите одлуки. Овде не станува збор за партија туку за цел образовен систем, не станува збор за приватни училишта туку за државни,  за кои вчера раководството на СОНК и МОН донесе одлука да го стави во мирување најавениот штрајк. Но кој ќе ја надомести секоја непроспиена ноќ на наставниците кои секојдневно беа опоменувани, притискани, советувани,  и под закани за тоа каква ќе биде нивната одлука доколку не застанат зад катедрата?”, вели битолски наставник.
Според негов колега, со овој чекор СОНК  покажа дека е синдикат чија тенденција не е штрајк по секоја цена,  туку реално остварување на своите цели да се преговара и да се најде заедничко решение на заедничка маса. “Фактот што го седнаа министерот за образование на заедничка маса покажа многу. Дополнително што и покрај многуте притисоци,  се одеше до крај” – вели Л. С. наставник од Битола. Од друга страна, за дел од наставниците и професорите  одложувањето или ставањето во мирување на веќе најавениот штрајк во образованието нема да реши ништо туку само дополнително ќе ги одложи и продлабочи проблемите. Според Владо Димовски наставник во основното училиште „Алија Авдовиќ“  и претседател на Центарот за меѓуетничка толеранција, ова се само познати фрази за “взаемно прифатливи” решенија без конкретни мерки и конкретни одговори, а целата идеја за стапување во штрајк имала само несериозен пристап кон крајно осетлива материја.
“Лично сметам дека ниту едно прашање или барање  нема да се оствари. Ниту раководството објасни каков колективен договор бара за да го брани истиот, ниту има идеја каков колективен договор е потребен во ресорот. Екстерното и платите власта ги регулираше со закон. Јас се прашував како ќе не известеа нас во подрачните училишта за текот на наставата, за текот на штрајкот? Имаше внатрешни превирања во СОНК и излезе дека сето ова е игра недоиграна до крај. Од друга страна, во нашето училиште ниту имаше идеја за реализирање на штрајкот, а ниту за резервни или замена на наставниците со нови во случај на штрајк. Учениците дополнително беа збунети и за викендот дури не прашуваа дали да дојдат на училиште, а колегите на работа.  Ова остава простор за многу дилеми”, вели наставникот Владо Димовски.
Се влошува преговарачката позиција на синдикатот? Ставањето на штрајкот во мирување според Дејан Лутовски, претседател на  Движењето за социјална правда ”Ленка” ќе ја влоши преговарачката позиција на синдикатот. Според него, оваа позиција се добива преку здружена синдикална и интелектуална борба  и преку активирање на вонинституционални методи.
“Ова е уште еден доказ за отуѓеноста на синдикалната бирократија од својата база”, оценува Лутовски.
Од Мултиетничкиот синдикат за образование-МЕСО  последната одлука штрајкот во образованието да се стави во мирување ја оценуваат како недоволно вложен труд од страна на раководството на СОНК. Од таму велат дека иако ја подржале првичната идеја за штрајк во образованието и во знак на солидарност им ја дале подршката на своите колеги, очекувале многу повеќе од преговорите на заедничка маса. Според МЕСО, новите законски измени за основно и средно образование кои за време на штрајк предвидуваат замена на наставниот кадар со нов негативно ќе се одразат на наставата, а посебно на знаењето на учениците од пониските одделенија.Токму ова според нив е клучниот проблем кој сериозно треба да се свати и разгледува од двете страни.
“Ние секогаш ги подржуваме своите колеги бидејќи синдикалната борба бара солидарност и здружување, особено кога се работи за многу суптилни и образовни проблеми кои директно го засегаат наставниот кадар. Колегите го паметат последниот и единствен генерален штрајк во 2004-тата кога добивме 40% покачување на платите. Тогаш се делуваше единствено и со конкретни ставови кои вродија со плод. Таква единственост е потребна и сега, а сметам дека ја нема. Времето ќе покаже дали и како ќе се променат проблемите кои се наталожени во образованието и дали ќе има ефект од преговорите.  Овој пат според нас, висината на платите во образованието не треба да биде повисока  за 4 или  5 туку за цели десет отсто со што би се надополните укинатите додатоци за храна и превоз од 2009-тата година. Во добар дел од високото образование, како на пример Државниот тетовски универзитет, не се исплаќа додатокот за минат труд - ова се работи на кои треба да се мисли и делува”, вели Сузана Стефановиќ-претседател на МЕСО.
Законските измени за основно и средно образование  според Мултиетничкиот синдикат за образование се спротивни на меѓународните конвенции и доколку се спроведат новите законски решенија  власта дополнително ќе го прекрши и Законот за привремени вработувања. Рокот за преговорите на СОНК и Владата ќе трае  три месеци.  Ако до крајот на декември не постигнат решение за спорните прашања, од СОНК најавија дека повторно ќе го активираат штрајкот. Дополнително Советот на СОНК  одлучил  да се покрене судска постапка  против сите за кои ќе обезбедат  докази дека вршеле притисоци за неодржување на генералниот штрајк врз членовите на СОНК, што според нив е спротивно на Законот за работни односи и санкционирано со Кривичниот законик. Од ресорното министерство пак велат дека се обезбедени сите услови за непречено одвивање на наставата. Тие остануваат на ставот дека се подготвени да разговараат за  унапредување и зајакнување на системот на екстерно тестирање за зголемена објективност на оценувањето на наставниците и учениците. Додека за зголемување на платите во образованието  ќе поминат со веќе  предвиденото покачување од 4 отсто за администрацијата која ќе го стави во ист пакет и членството на СОНК.  Дополнително од МОН тврдат дека  ќе бидат отворени за социјален дијалог,  но без  уцени и поставување на крајни рокови за преговори. Б.С.
Слично

Поврзани вести