Економија, финансии, бизнис

Контакт

Штрајк во „Дрекселмаер“ заради ниските плати?

Штрајк во „Дрекселмаер“ заради ниските плати?
Дел од вработените во германската компанија Дрекселмаер во Кавадарци започнале штрајк ноќеска во трета смена, незадоволни од висината на платите. Според локалните медиуми во Кавадарци, околу 100-тина вработени го започнале штрајкот и одбиле да влезат во производните погони. Просечната плата на вработените во Дрекселмаер е 9.000 денари, а компанијата им обезбедува превоз на работниците до фабриката. Таму во моментот работат над 3.500 работници од Кавадарци, но и од околните места - Велес, Неготино, Демир Капија, Градско. Инвестицијата на Дрекселмаер во Македонија изнесува околу 35 милиони евра. Фабриката во Кавадарци произведува инсталации за автомобилската индустрија. Но,ова е вторпат работниците јавно да изразуваат незадоволство со условите за работа во фабриката на странскиот инвеститор. На почетокот на април работниците од Велес одбија да заминат на работа, во знак на протест заради катастрофалните услови за превоз. Работниците се пожалија дека ситуацијата станала неподнослива особено по последните вработувања во „Дрекселмаер“ – бројот на работници бил зголемен, а компанијата одлучила да ги превезува со истиот број автобуси. „Во автобус кој собира 50 лица, ние сме двојно повеќе и така патуваме половина час“, се жалеа работниците, откривајќи дека има проблем и со нивниот превоз од работа, така што понекогаш морале и по половина час дополнително да го чекаат автобусот да ги врати дома.    
Слично

Поврзани вести