ШТРАЈК СО ГЛАД: Педесет професори и наставници се придружуваат за поддршка
Педесет професори и наставници, организирани од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) од денеска штрајкуваат со глад, во знак на поддршка и солидарност со тројцата нивни колеги од Економскиот факултет во Штип.
Формалната одлука дефинитивно да се приклучи на штрајкот со глад СОНК ја донесе синоќа, откако истече крајниот рок до кој синдикатот бараше од Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ да го спроведе решението на Државниот просветен инспекторат и да ги поправи грешките во постапката со кои тројцата професори не беа избрани во повисоки звања иако имаа позитивно мислење од Рецензентската комисија.
Од осум часот утрово, покрај тројцата засегнати професори кои гладуваат веќе 12-ти ден, кон штрајкот се приклучија и 50-тина просветни работници, членови на раководните органи на СОНК.
Универзитетот „Гоце Делчев“ вчера преку соопштение повика на прекин на штрајкот со глад, уверувајќи ги професорите дека нивното прашање ќе се реши кон средината на август. Според тројцата професори, ваквото ветување е уште еден обид за манипулација, бидејќи ако нивниот избори не биде извршен до законскиот рок кој истекува на 2 август, целата постапка ќе мора да се повтори и да се распишат целосно нови конкурси.
Слично
