Штрајк на пристаништето во Солун, производи и стоки чекаат истовар
Вработените во солунското пристаниште штрајкуваат против приватизацијата.
Штрајкот почна во четвртокот минатата недела, поради што производи и стоки чекаат за истовар и за товарење. На солунското пристаниште има 14 бродови и околу 60 камиони.
Весникот „Катимерини“ пренесува дека околу 2.700 контејнери се заглавени и чекаат да бидат истоварени, а повеќе од 3.300 контејнери чекаат за бидат натоварени и пренесени за извоз. Направен е проблем со увозот на никел, поради што пристаништето се соочува со штета од 300.000 евра.
Штрајкот се проценува дека создава проблем и големи загуби и за пристаништето. Од раководството на пристаништето коментираат дека не може да дозволат да продолжи штрајкот на вработените и тоа одново да го доведе пристаништето во минус. Според процените на пристаништето, во првиот квартал имало пораст од 8,5% на прометот на контејнери, меѓутоа поради 10-дневните протести во мај прометот е намален за 1,6%, поради што не може да се дозволи дополнително влошување на работите.
Претседателите на осум трговски и индустриски комори и конфедерации од Северна Грција испратија заедничко писмо до претседателот на пристаништето со барање штрајкот да се прогласи за нелегален за да се нормализираат работите.
