Што значи излегувањето на Обединети Арапски Емирати од ОПЕК?
Одлуката на Обединетите Арапски Емирати да излезат од ОПЕК и поширокиот сојуз ОПЕК+ отвори сериозни прашања за иднината на глобалниот пазар на нафта. Иако ова не е прв ваков потег – по Катар кој ја напушти организацијата во 2019 година – актуелниот момент го прави развојот на настаните значително почувствителен.
Според достапните информации, одлуката е донесена по анализа на производствената политика и капацитетите, со цел подобро да се одговорат националните интереси и барањата на пазарот. Експертите сметаат дека зад потегот стојат и пошироки геополитички фактори, особено зголемените тензии на Блискиот Исток, поврзани со конфликтите меѓу Иран, САД и Израел.
Емиратите, како еден од најголемите производители на нафта во светот, со оваа одлука сигнализираат дека сакаат поголема флексибилност во производството и извозот. Дел од анализите укажуваат дека земјата можеби ќе се обиде да пласира поголеми количини нафта, па дури и да профитира од повисоки цени на пазарот.
Сепак, влијанието врз глобалната цена на нафтата останува неизвесно. Испораките од Заливот директно зависат од безбедноста на поморските рути, особено низ стратешките теснеци, што дополнително ја усложнува прогнозата.
ОПЕК со децении игра клучна улога во стабилизирање на пазарот преку координација на производството. Иако не одредува директно цени, организацијата влијае врз нив преку договори за количините што се пласираат на пазарот. Токму оваа координација помага да се избегнат екстремни ценовни осцилации – и премногу ниски цени што ги обесхрабруваат инвестициите, и превисоки што ја намалуваат побарувачката.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуално пошироко слабеење или распаѓање на ОПЕК би можело да доведе до поголема нестабилност на берзите, каде цената на нафтата би се формирала похаотично, без координирана контрола на понудата.
Одлуката на Емиратите доаѓа во пресрет на состанокот на ОПЕК во Виена, каде се очекува дополнително да се расчистат позициите на членките. Според проценките, картелот се соочува со сериозни политички притисоци, а можно е и ново геополитичко престројување меѓу земјите-членки во однос на идната енергетска политика.
Телеграф.рс