Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што ветува дека ќе реализира новата Влада во областа на културата?

Што ветува дека ќе реализира новата Влада во областа на културата?

Изградба на Македонската филхармонија, довршување на проектот Скендербег, изградба и реконструкција на театри во неколку градови, реконструкции на кино сали, преводи на дела со историска содржина, реставрации на манастири – ова се дел од проектите во програмата на новата Влада, во делот посветен на културата и уметноста.

„Владата на Република Македонија ќе продолжи да ја негува и развива македонската култура и уметност и во периодот 2014–2018. Во насока на поттикнување на домашното творештво, во иднина продолжува реализацијата на низа стимулативни мерки со кои ќе се унапреди статусот на авторот, а истовремено ќе се зголеми и продукцијата на квалитетни дела преку поддршката на проекти од национален интерес во сите дејности од областа на културата“, стои во програмата на на новата Влада.

Во програмата се најавува изградба на Турски театар, реконструкција на Албанскиот театар, изградба на Универзалната сала, Музеј на прогонетите од егејскиот дел на Македонија, изградба на Филмско студио, набавка на опрема за дигитализација на Универзитетската библиотека “Свети Кирил и Методиј”, реконструкција на киносалата во Делчево.

Дел од експертите сметаат дека мерките за развојот на културата и уметноста се само набројани по некое продолжение на веќе постоечките проекти.

„Не гледам концепциски, форматски и содржински речиси ништо ново во програмата на Министерството. Безброј точки/бројки на градежни проекти, по некое продолжение на веќе постоечките прокети и толку. Според мене, проектниот концепт е легитимен, но само и само доколку е инкорпориран во длабоко промислените културни политики. За жал, овде не гледам конзистентност во градење на културна политика, туку конфузно и панично набројување. Културата, уметничката продукција, е нешто повеќе од мерлив индикатор. Таа е наратив преку кој се артикулираат разни други општествени и политички процеси. Во ова програма токму тоа е најголемата слабост – таа приклонува кон популистичките попишувања на квантитативните варијабли, со голема скепса (поучени од досегашното работење) кон квалитетот и следењето на современите културни политики“, вели Искра Гешовска, претседател на “Контрапункт Јадро”.

Еве дел од капиталните проекти во културата што новата Влада ги најавува во програмата:

• Oбнова и конзервација на повеќе фасади во Скопје, Битола, Крушево, Кратово, Кичево, Прилеп, Штип, Охрид и во други значајни градски јадра,

• Изведба на покривна конструкција на сцената Долни сарај и Античкиот театар во Охрид (2014–2015), реконструкција на Амамот на Јаја Паша и претворање во Галерија на Омер Калеши и Адем Кастрати (2017-2018),

• Надградба и реконструкција на објектот кој го користат установите НУБ „Григор Прличев”, НУ Центар за култура „Григор Прличев” и НУ Охридско лето, сите од Охрид, по пат на јавно-приватно партнерство и изградба на нов театар (од прва половина на 2017),

• Внатрешна реконструкција на НУ Македонска опера и балет во Скопје (2014-2015)

• Реконструкција на споменикот „Македониум“ во Крушево (2018)

• Изградба на културно-образовен центар во Тетово со нов театар и библиотека (2014март 2018)

• Во рамки на НУ Музеј на албанската азбука во Битола ќе се изгради Спомен-соба на Комисијата за азбуката во која ќе бидат претставени членовите на азбучната комисија од 1908 година (восочни фигури). Исто така, ќе се инсталира систем за заштита на објектот и ќе се решат имотно правните односи (2015-2017)

• Обнова на Хавзи-пашините конаци во село Бардовци (2017)

• Изградба на Спомен-куќа на Мехмет Паша Дерала во Тетово (2016-2017)

• Конзервација и реставрација на верски објекти (2014-2018)

• Обнова на опожарените конаци и изработка и реализација на проектите за црквата, трпезаријата, магерничкиот конак и магерницата на манастирот Трескавец близу Прилеп

• Обнова на фасади во Старата скопска чаршија

• Откуп на куќи кои се значајни споменици на културата, како и нивно ставање во функција на музеи Дел од проектите во прогрмата се однесуваат на промена на законите, како што се Законот за заштита на културно наследство, Законот за библиотеки, Законот за музеи, Законот за издавачка дејност.

Во делот на преведувачката дејност, во прогрмата се најавуваат преводи на реализирање на проектот ,,Антологија на светската поезија преведена на македонски јазик во неколку тома“, превод на најзначајните дела од светската архитектура, сликарство, скулптура, внатрешен дизајн и орнаментика преведени на македонски јазик, превод на македонски јазик на биографии и автобиографии, мемоари и монографии на светски познати личности од областа на: економијата, бизнисот, политиката, инженерството, уметноста, медицината, науката, спортот, како и на личности од светската историја и филозофија, превод на 20 книги за најголемите историски премрежија и предизвици , превод на најзначајни светски дела од областа на спортот, здравото живеење, здравиот живот и исхраната.

Преку Управата за културно наследство старо-новата влада во Прогрмата најавува проекти за реставрации, реконструкции на манастирски комплекси, реконструкција на Античкиот театар во Скупи, печатење на публикации за културното наследство, изградба на Светиклиментовиот универзитет.

Во програмата се најавени проекти за меѓународна соработка како создавање на виртуелен театарски музеј во МНТ и негова промоција во координативен центар за дигитализација во регионот и во Европа, отворање на регионален центар за млади музичари од Југоисточна Европа кој ќе биде лоциран во Меморијалниот музеј „Тоше Проески“, реализирање на проектот „Кокино македонски бренд“ во чиишто рамки на 21 јуни секоја година ќе се организира меѓународен фестивал во Кокино.

Новата влада во делот на културата најавува стимулатувни мерки како континуиран откуп на ликовни дела, на скулптури од галериски формат, на драмски текстови, на музички дела за различни формации, поддршка за создавање 150 композиции од областа на забавната и народната музика и 50 детски композиции и финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици.

Во изборната Програма на партијата што победи на изборите ВМРО ДПМНЕ, во делот посветен на културата и уметноста беше најавена и изградбата на нов театар на местото на МНТ, нов објект Драмскиот театар и продолжување на изградбата на Археолошкиот музеј.

Ј.С.

Слично

Поврзани вести