Што увезуваме од Израел, а што извезуваме?
Од година во година, состојбата со трговската размена со Израел се менува. Некогаш увозот е поголем од извозот и обратно.
Во Израел извезуваме машини и транспортни уреди, храна, помалку хемиски и сродни производи, разни готови производи, а увезуваме исто храна, хемиски и сродни производи, најмногу машини и транспортни уреди, но и разни готови производи.

Во јануари 2026 година, македонскиот извоз во Израел чинел 627.551 евро, според Државниот завод за статистика(ДЗС). Истиот месец, од оваа земја сме увезле стоки во вредност од 489.330 евра.

Во 2025 година, увозот од Израел чинел 21.556.237 евра. Извозот од Македонија во Израел лани бил во вредност од 20.786.725 евра. Во македонските земјоделски аптеки има производи од Израел. Тие се користат во македонскиот аграр.
„Има ѓубрива од Израел, течни, кристални или во гранула, понатаму најлони за пластеници, спојки за црева, системи за наводнување“, вели Трајче Милев, агроном.
Од друга земјоделска аптека исто потврдуваат дека со години на земјоделците им продаваат продукти со потекло од Израел.
„Имаме израелски ѓубрива, кристални. Тие се од Хаифа. И фолии за пластеници имаме од Израел“, додаваат од земјоделска аптека од Струмица.
Според ДЗС, македонскиот извоз во Израел во 2024 година бил во вредност од 14.991.890 евра. Во истата година, увозот чинел 10.726.040 евра.
Во 2023 година, увозот од Израел вредел 10.563.549 евра, а извозот вредел 7.567.763 евра.
Во 2022 година, како што стои во базата Макстат на ДЗС, извозот од Македонија во Израел чинел 7.929.218 евра, а увозот „тежел“ 11.609.396 евра.
Една година претходно, односно во 2021 година, од Израел сме увезле стоки во вредност од 15.354.458 евра, а сме извезле стоки во вредност од 5.896.818 евра.
Инаку, САД и Израел на 28 февруари почнаа со напади на Иран и светот е пред нова пресвртница, односно во исчекување какви штети ќе има на економски план. Што се однесува до Иран, веќе пишувавме дека од нив најчесто увезуваме храна, а им извезуваме машини.
Сања Атанасовска