Што треба да знаете ако планирате сезонска работа?
Сезонските работи се чест избор за дополнителна заработка, особено кај младите и студентите. Најчесто се работи во летниот период, но многумина не се запознаени дека постојат јасно дефинирани законски ограничувања за времетраењето на ваквите ангажмани. Законот прецизно утврдува колку долго работодавачите можат да ангажираат сезонски работници, како и колку е дозволено еден работник да работи во текот на една календарска година. Работодавачот може да ангажира сезонски работници најмногу до 180 дена во текот на една календарска година. Овој период се пресметува од првата пријава на сезонски работници до последната одјава преку системот на Управата за јавни приходи. При тоа, не се пресметуваат деновите во кои работниците не биле ангажирани. Од друга страна, постои ограничување и за самите работници. Еден сезонски работник може да работи најмногу 120 работни дена во текот на една календарска година. Во пракса, тоа значи дека работодавачот може да ангажира повеќе различни работници во текот на годината, но не смее да го надмине вкупниот лимит од 180 дена. Истовремено, секој поединечен работник има ограничување од 120 работни дена. Овие правила имаат цел да спречат злоупотреби и да обезбедат јасни услови и за работодавачите и за работниците кои се вклучуваат во сезонски ангажмани.
