Што си купи главниот оперативен директор на „Комерцијална банка“?
Денеска Македонска берза објави дека примерот на Хари Костов го следи и Илија Илоски, главен оперативен директор кој купи 1.000 акции на „Комерцијална банка“ и вложи во таа инвестиција околу 120.000 евра (со оглед на пазарната цена на таа акција)
Илија Илоски, долгогодишен втор човек во „Комерцијална банка“ т.е. главен оперативен директор си купи 1.000 акциии со право на глас во банката во чиј Управниот одбор членува. Информацијата денеска е официјално достапна и берзанскиот информативен сервис СЕИ НЕТ, еден ден откако иста количина акции си докупи и Хари Костов, главниот извршен директор на банката и претстедател на Управниот одбор.
Од актуелната пазарна цена на акцијата на „Комерцијална банка“ во последниот период (од почеток на годинава досега) произлегува дека Илоски во акции вложил над 120.000 евра.
Оваа информација позитивно ќе влијае врз пазарната цена на таа акција и во најмала рака ќе влијае врз одржување на актуелното ценовно ниво на единствената хартија од вредност на пазарниот сегмент Супер котација на Македонската берза за хартии од вредност.
Купувањето акции во компаниите што ги раководат станува позитивна корпоративна пракса во Македонија и нејзини предводници пред се се менаџерите на „Алкалоид“ и на „Комерцијална банка“. Постои веројатност дека во менаџерските договори на првите банкари во таа најголема домашно поседувана банка има одредби со кои се уредува прашањето за купување акции во годините кога банката има позитивни резултати и дел од бонусите за успешност се вложуваат во акции на банката.
Акцијата на „Комерцијална банка“ е еден од двете најликвидни хартии од вредност со кои се тргува на нашата берза за хартии од вредност. Финансиските резултати остварени лани оставаат простор за високи очекувања за поделба на дивиденда кај нејзините акционери. Повеќе информации на ланското работење на банката има на следниот линк https://faktor.mk/zoshto-raste-cenata-na-akcijata-na-komercijalna-banka
