Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што се случува со фабрика „Карпош“? Приходите паднаа за 30 отсто!

Што се случува со фабрика „Карпош“? Приходите паднаа за 30 отсто!

Што се случува со фабрика „Карпош“? Приходите паднаа за 30 отсто!

Во услови на огромни падови на добивка и приходи од продажба во споредба со истиот период лани забележливо е според трошоците за вработени, за услуги и по нивото на залихи дека компанијата имала зголемен обем на деловни активности

Скопската фабрика „Карпош“, специјализирана за бетонски столбови и далеководи, во првите три месеци годинава изгубила 28 отсто од приходите од продажба во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од кварталниот финансиски извештај на таа компанија. Падот на приходот од продажба е уште поголем ако се спореди со просечниот квартален приход за минатата година. Тогаш кварталниот приход просечно изнесувал 198 милиони денари односно околу 3,3 милиони евра. Сега тој изнесува 108,4 милиони денари.

Од расходите се гледа дека менаџментот на компанијата направил обид да ги крати некои од расходите во услови кога не можел да обезбеди конзистентен прилив на приходи од продажба. Во такви услови речиси ги сведеле на нула расходите за маркетинг кои од 6,6 милиони денари се намалени на 0,88 милиони денари. Во истиот период за 22 отсто се намалени и административните трошоци на компанијата до износ од 12,5 милиони денари. Оперативната добивка на компанијата изнесува 15,8 милиони денари и е за 51 отсто пониска од истата во првите три месеци во 2015 година. По одбивањето на финансиските расходи на компанија кои изнесуваат 3 милиони денари односно 50.000 евра за три месеци, добивката од редовно работење се сведува на 12,8 милиони денари. По одбивање на данокот на добивка, нето добивката за првиот квартал е 11,75 милиони денари и е за 58 отсто пониска односно за 16 милиони денари од истата во првото тромесечје во 2015 година кога изнесувала 27,8 милиони денари.

Зголемена деловна активност?

Од анализата на оперативната добивка по природа на трошоци се гледа дека во првите три месеци компанијата има огромен раст во промените на залихите на готови производи и производство во тек. Нивната вредност на крајот на март годинава изнесува 56,5 милиони денари наспрема вредноста од 71.000 денари колку што изнесувала лани. Заедно со ова забележливи се големи расходи и на ставките за трошоци на вработени кои лани биле 8,2 милиони денари, а годинава се 30 милиони денари и на услугите со карактер на материјални трошоци за кои компанијата на своите партнери годинава платила 37, 97 милиони денари, а лани платила 8,2 милиони денари. Сите овие податоци укажуваат на тоа дека деловните активности се зголемиле значително во однос на истиот период лани.  

Од расположливите податоци се гледа дека добивката е преполовена и дека нејзиниот пад е значајно поголем од падот на приходите во првиот квартал. За првите три месеци компанијата оствари оперативна добивка од 15,8 милиони денари што е 51 отсто односно за 16,5 милиони денари од 2015 година кога изнесуваше 32,3 милиони денари.

„Карпош“ е компанија во која има два мнозински акционери. Првиот е Градежен институт „Македонија“ со 66,8 отсто од акциите и вториот е домашното физичко лице Зоран Миладиновски со 8,3 отсто од акциите. Според податоците на ЦДХВ уште 132 домашни физички лица имаат околу 19,5 отсто од капиталот.


Слично

Поврзани вести