Економија, финансии, бизнис

Контакт

Професорот Савевски тврди дека е избркан од ФОН, од универзитетот ги отфрлаат сите наводи како неточни

Професорот Савевски тврди дека е избркан од ФОН, од универзитетот ги отфрлаат сите наводи како неточни
Превирања во приватниот универзитет ФОН непосредно пред стартот на новата академска година. Универзитетскиот професор Здравко Савевски тврди дека добил отказ затоа што како синдикален лидер учествувал во подготвка на штрајк заради неисплатени плати во оваа високообразовна институција. Според Савевски, последната исплатена плата на ФОН е за јануари годинава, а се должат хонорари уште од јули лани. „Од тој аспект не загубив многу со отказот. Ама тоа што ми дадоа отказ како синдикален претставник е спротивно на законот, газдите ќе добијат тужба на суд“, најави Савевски преку социјалните мрежи. Штрајкот на ФОН траел уште од 29 април, но вработените го почитувале договорот со управата да не изнесуваат ништо во јавност додека се прави обид да се надмине проблемот. ФОН ПРЕКУ СООПШТЕНИЕ ГИ ДЕМАНТИРАШЕ НАВОДИТЕ НА САВЕВСКИ

Универзитетот ФОН, како сериозна  институција која над 12 години во Република Македонија промовира и практикува современ концепт на образование и е високо позиционирана на универзитетската мапа која веќе ги надминува границите на нашата држава, со резигнација ги отфрла тврдењата на својот професор Савески.

Во таа насока, како општествено одговорна институција, го соопштуваме следново:

Точен е фактот дека изминатиов период нашиот универзитет, заради сплет на околности и не по наша вина, се соочи со одредени финансиски потешкотии. Како резултат на тоа, мала група на вработени спроведуваше штрајк согласно нивните законски права и тоа нивно право беше почитувано. Во меѓувреме, управата на универзитетот, заедно со останатите своите вработени, посветено работеше за да се надмине овој проблем и изнајде  решение.

Што се однесува до наводите на професорот Савески за добивањето отказ, истите ги отфрламе како неточни. Веродостојноста на ова наше тврдење може непосредно да се провери токму кај самиот професор. Имено, тој нема да овозможи да се направи увид во  „отказното решение“, од причина што такво не постои. Единствено што е факт кој не го спориме е дека на професорот Савески, во вербална комуникација му е предочено дека се констатирани неговите неисполнувања на основните педагошки обврски и активности насочени против интересите на институцијата и студентите, со што прекршува повеќе законски одредби.

Во оваа прилика сакаме да потенцираме дека универзитетот е установа која врши услуги од јавен интерес. Како таква, дури и во услови на штрајк, нејзините вработени имаат законска, но и морална  обврска кон своите студенти како корисници на тие услуги, истите да ги сервисираат.  Професорите и асистентите кои, согласно Законот за високо образование се даватели на јавни услуги, се должни во остварувањето на правото на штрајк да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на институцијата и неопходното ниво во остварувањето на правата и интересите на граѓаните и на правните лица.

Ние стоиме зад принципот дека е недопустливо целата академска заедница на универзитетот да се стави во позиција да биде заложник на било кој поединец кој, манипулирајќи ги законите, со постапките за „остварување на сопствените права“  да им ги нарушува правата на останатите, а најповеќе на студентите. Следствено на ова, ја информираме јавноста дека нашиот универзитет, како општествено одговорна институција, преку правните механизми ќе ги преземе сите неопходни мерки за да го заштити својот углед и интересот на своите студенти од амбициите и малициозни ставови на поединци кои со своето однесување покажуваат дека припаѓаат на некоја заедница, која не е академската

Дополнително, осврнувајќи се на шпекулациите пласирани во одредени медиуми дека Ректорот Камбовски го напуштил универзитетот, сакаме да истакнеме дека Академик Камбовски согласно законот заминува во пензија. Тој, на општо задоволство, останува на универзитетот во советодавна улога.

Слично

Поврзани вести