Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што се менува во Управниот одбор на „Стопанска банка Скопје“?

Што се менува во Управниот одбор на „Стопанска банка Скопје“?

„Стопанска банка Скопје“ го шири бизнисот како застапник во осигурување, а го зголемува и бројот на членови во Управниот одбор. Ново е и тоа што банката нема да подели во дивиденда 22 милиони евра од добивката остварена во втората половина од минатата година. Иако многумина мали акционери домашни физички лица не се среќни сепак треба да се задоволни зашто тие пари ќе ја зголемат книговодствената вредност на акцијата на „Стопанска банка Скопје“

„Стопанска банка Скопје“ го менува составот на својот Управен одбор, најавено е со статутарна измена која како дополнување на дневниот ред ќе се најде на гласање на претстојното акционерско собрание кое ќе се одржи овој месец, објавено е на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност.

„Стопанска банка Скопје“ ќе го зголеми бројот на членови на Управниот одбор за еден нов член и наместо три ќе брои четири члена. Досега Управниот одбор го сочинуваа генерален директор на банката кој беше претседател на одборот и уште двајца членови. По ново во Управниот одбор ќе членуваат еден генерален извршен директор кој ќе биде претседател на Управниот одбор и уште тројца генерални директори и тоа за: корпоративно банкарство, за банкарство на мало и за управување со ризици. Ова е уредено со членот 43 од статутот на банката.

„Стопанска банка Скопје“ ќе ја прошири дејноста и со тоа што ќе биде „застапник во осигурување“. Ова е предвидено со ззмена на член 10 од Статутот, со додавање на нова финансиска активност во портфолиото на активности на банката. Банката добила одобрение од Агенцијата за супервизија на осигурување и претходна согласност од гувернерот на Народната банка зазастапување во осигурување, утврдена со Законот за супервизија на осигурување. Во согласност со наведениот закон, покрај на другите страни, им се дозволува и банките да ја вршат оваа активност.

Новина е и тоа што Секторот за правни работи и Секторот за наплата од функцијата за управување со ризици се пренесуваат под одговорност на Генералниот извршен директор. Горенаведеното се прави во согласност со одредбите на Одлуката на Народната банка за правилата за добро корпоративно управување во банка, со што се обезбедува сигурен систем на корпоративно управување, кој се спроведува преку сегрегација на должности според најдобрите практики.

На изненадување на многубројните мали акционери домашни физички лица е предложено да не се дели дивиденда од добивката што банката ја оствари во последните шест месеци лани. За потсетување, банката подели авансна дивиденда на крајот на 2018 година и таа се однесуваше за работењето за првите шест месеци лани, а бруто дивидендата беше 73 денари за акција односно повеќе од 20 милиони евра. Тогаш чекорот на банката беше протолкуван како громогласен коментар за мерката со која Собранието по предлог на Драган Тевдовски, министерот за финансии,  го зголеми данокот на дивиденди за 50 отсто односно стапката на даночење од 1 јануари годинава порасна од 10 отсто на 15 отсто.

За претстојното акционерско собрание  има предлог за ограничување за распределба на акционери на добивката од 22 милиони евра. Од нив 7 милиони евра ќе бидат вклучени во пресметката на основниот капитал и со тоа ќе ја зголемат соодветно книговодствената вредност на акцијата на банката. Останатите 15 милиони евра Надзорниот одбор предлага да се ограничат за распределба на акционерите, а помалку од 2 милиони евра да бидат акумулирана добивка што ќе биде расположлива за исплата на дивиденда. Овој предлог изненади многумина инвеститори во акции затоа што генерално се очекуваше дека банката ќе подели и „втора тура“ дивиденда. Како и да е и износот од 15 милиони евра би требало да ја зголеми книговодствената вредност на таа акција.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести