Што се качи, а што падна во „крвната слика“ на „Гранит“ за првиот квартал?
Во услови кога продажбата паѓа за 17 отсто, концентрирана е само и исклучиво на домашниот пазар, оперативната добивка е помалку од половина во однос на истиот период лани , инвеститорите „лудеат“ по акцијата на „Гранит“. Таа достигна пазарна цена од 1.246 денари за акција!!!
Добивката на „Гранит“ изнесува 1,33 милиони евра и таа е резултат на капиталната добивка меѓу пазарната и набавната цена на гранитовите акции во „Комерцијална банка“ (1,25 милиони евра)
Оперативната добивка на „Гранит“ во првите три месеци годинава е помала од половината од профитот што друштвото го имаше во истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на најголемото градежно друштво во земјава.
Според официјалните податоци од билансот за првиот квартал годинава оваа компанија остварила приходи од продажба кои изнесуваат 10,6 милиони евра, сите се остварени на домашен пазар, а тоа е за 17 отсто помалку од претходната година во истиот период.
Залихите на друштвото на крај на март годинава се непроменети во однос на претходниот споредбен период и изнесуваат 7,85 милиони евра.
Наспроти продажбата од 10,6 милиони евра „Гранит“ за овие три месеци има оперативни расходи кои изнесуваат 10,9 милиони евра што е за 19 отсто помалку од истиот период лани. Најголемо учество во нивната структура имаат: трошоците за суровини и материјали, услугите со карактер на материјални трошоци и трошоците за вработените. За суровини и други материјали „Гранит“ платил 2,15 милиони евра што е за 3 отсто повеќе од лани. За услуги со карактер на материјални трошоци се платени 4 милиони евра или 24 отсто помалку од лани, а за вработените 2,8 милиони евра.
Оперативната добивка на друштвото изнесува 39.000 евра и тоа ниво што е на половина помалку во споредба со претходната година. Сепак благодарејќи на финансиските приходи добивката достигнува 78.000 евра, а книговодствено со растот на вредноста на гранитовите акции во „Комерцијална банка“ вкупната сеопфатна добивка на градежното друштво достигна 1,33 милиони евра.
Акцијата на „Гранит“ е една од петте најтргувани акции на домашниот пазар на капитал. Акцијата се одликува со висока ликвидост и со пристојно високи ценовни пазарни маргини во одредени временски периоди што на прави особено атрактивна за трејдерски ориентирани инвеститори. Најголеми акционери во „Гранит“ се братот и сестрата Милковски (Зоран и Ивана) кои се наследници на долгогодишниот успешен директор Страшо Милковски (кој исто така е малцински акционер таму н.з.). „Гранит“ има уште два малцински крупни сопственици тоа се Даница и Васил Георгиеви кои беа подносители на предлог за зголемување дивиденда и заедно поседуваат над 10 отсто од акциите. „Гранит“ има и два институционални инвеститори : од кои едниот е инвестициски фонд „КБ Публикум“ и тој поседува под 5 отсто од акциите во „Гранит“, а другиот е пензискиот задолжителен фонд „Сава пензиски фонд“ кој поседува над 7 отсто од акциите со право на глас.
Р.Ф.