Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што промени iPhone?

Што промени iPhone?
Уште пред iPhone 6 да биде претставен официјално, технолошката заедница страсно размислуваше со што новата креација на Apple ќе го потресе светот. Се појавија гласини дека новиот смартфон од Купертино ќе има панел од сафир, како и дека Foxconn - кинеската компанија за производство на хит телефонот - за прв пат ќе користи роботи во процесот. Првиот дел се покажа како целосна измислица, но воведувањето на роботи во производниот процес беше повеќе од само наслушнување. Машините предизвикаа таков интерес што дури добија сопствено име - Foxbots (од Foxconn и robots), а според информациите секој еден од нив може да состави 30 000 телефони на смена. Ако сето ова ни кажува нешто, тоа сигурно е загрижувачко за кинеските работници. Некои аналитичари дури ја споредија иновацијата со брановите од капка кои ќе се претворат во цунами, додека стигнат до бреговите на остатокот од светот. Официјалните лица од Foxconn признаа дека со воведувањето на роботи компанијата сака да го направи производствениот процес поефикасен. Такво нешто одбележа голем пробив во автомобилската индустрија пред неколку години. Тогаш компаниите ги намалија драстично производствените тимови кои беа заменети од најефикасните јапонски роботи. Ефикасноста е слатката обвивка на горчлива пилула, наречена намалување на производствените трошоци. Дали кинеската индустрија, која е рбетот на средната класа во земјата и предизвикува завист насекаде во светот, ќе го повтори тажниот и драстичен пад на американското производство? Не можеме да бидеме сигурни. Она што го знаеме е дека синџирот на снабдување на iPhone има пред себе посложена и глобална перспектива. Сајтот CompareCamp.com објавува интересни инфографики со кои покажува како точно Apple го координира производството и кои се земјите со најмногу добавувачи. Не е чудно што најмногу партнери Apple има во Кина - 349. За споредба, втора на листата е Јапонија со 139 компании и САД со едвај 60. Освен што можеме да ги идентификуваме добавувачите и нивната локација, инфографиките ни укажуваат дека можеби доаѓа време производствените локации да се совпаднат со големите пазари на компанијата. Во моментов производството на iPhone и главните пазари на телефонот се два дијаметрално различни поими. Некои стигнуваат уште подалеку, велејќи дека со својата политика iPhone го дели светот на развиени и економии во развој. Иронијата се состои во тоа дека колку повеќе економиите, во кои се наоѓаат производствените бази, на пример Кина, се развиваат, толку повеќе средната класа зајакнува, што ги крева цените на работната рака. Тоа од своја страна предизвикува моментално земјата да изгледа неатрактивно за компаниите кои бараат соодветна локација за своето производство. На крајот на краиштата некоја посиромашна земја ќе го преземе производството, а дотогаш роботи ќе продолжат да работат напорно. K.K.
Слично

Поврзани вести