Што презема Грција за да го олесни притисокот од бегалците врз островите?
Атина бара начини да се овозможи префрлање на бегалци и мигранти во затворени кампови на копното.
Ова се прави за да земјата го олесни притисокот врз островите во источниот дел на Егејското Mоре.
Се води сметка притоа земјата да не го прекрши договорот меѓу Европската унија и Турција за намалување на приливот на бегалци.
Бегалците и мигрантите, кои на грчките острови пристигнале по 20 март не можат да бидат вклучени во програмата за преселба во согласност со одлуката донесена во јуни од страна на Советот за внатрешни работи, изјави шефот на грчката служба за азил Марија Ставропулу за весникот „Катимерини“.
Оние чии барања се одобрени можат да патуваат на копно, а мигрантите чии барања се одбиени мора да се вратат во Турција.
Исклучувањето на новите мигранти од шемата на релокација е воведено, за да се обесхрабрат мигрантите кои доаѓаат во Грција.
Од април до денеска, во Турција се вратени само 587 мигранти, а во истиот период се регистрирани повеќе од 15.000 нови пристигнувања.
На копно има 6.224 мигранти кои имаат право да се преселат во друга земја-членка. Земјите членки на ЕУ се обврзаа да примат 8.000 луѓе, но досега се преселени само 3.407 мигранти.
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас и градоначалникот на Лезбос, Спирос Галинос во понеделник ќе одржат состанок на кој ќе се дискутира за последиците од бегалската криза на островот.
