Што порачаа студентите на протестот?
На протестот пред седиштето на Студентскиот парламент при УКИМ вечерва говореа неколку студенти.
Порачаа дека УКИМ е нивни и дека ќе го вратат во свои раце. Студентката Александра Живковиќ кажа дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не смее да дозволи криминална организација, да носи одлуки во име на студентите. Присутните на протестот извикуваа „Држава полициска“, „Стоп за полициската бруталност“ , „Срам“. Тие со јајца маваа кон зградата каде е сместена СПУКМ
„Претставниците на Студентскиот парламент веднаш да бидат исклучени од сите тела во кои имаат право на глас. Тие не се повеќе наши колеги и не се академски граѓание, тие се срам за УКИМ, за нашата академска фела. Ќе победиме, ќе го вратиме УКИМ повторно во наши раце“ - изјави Живковиќ.
Таа побара ректорската управа и ректорот да ги осудат настаните од вчера за време на изборите. Студентскиот пленум најави порадикални чекори во наредната академска година. Од МВР, пак, бараат сите полициски службеници коишто се однесувале грубо да бидат најдени од снимките коишто ги поседува МВР и веднаш да се покрене дисциплинска постапка против нив. Во спротивно тие засебно ќе поднесуваат кривични пријави, против министерот, командирот и секој што ставил потпис за синоќешната акција.
Давор Поповски е избран за нов претседател на Студентскиот парламент на УКИМ. Изборниот ден помина со низа нерегуларности, крадење на кутии и на крајот на денот имаше и полициска интервенција.
