Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што покажуваат првите економски шокови од војната во Иран?

Што покажуваат првите економски шокови од војната во Иран?

Новата војна на Блискиот Исток веќе ги предизвика првите економски шокови и настаните се развиваат како што се очекуваше, особено со растот на цените на нафтата и врзаните енергенси, а со тоа и притисокот врз инфлацијата која никако да „дочека“ еден подолг период на стабилизација поради последователните глобални кризи.

Поради воената интервенција на САД врз Венецуела и затворањето на Ормутскиот Теснец од страна на Иран поради војната, бизнисот со големите танкери за транспорт пред се нафта но, и други стоки, доведе до раст на пазарната капитализација на водечките танкерски компании за над 130 милијарди долари, што е историски рекорд во овој сектор.

Додека овој сектор бележи неверојатен раст во време на глобална неизвесност таа цена на крајот ќе ја платат финалните потрошувачи и корисници. Ангажирањето на еден танкер е зголемено за три пати во однос на претходната година. 

Вложувањето во акции во танкерските компани исто така е сигнал дека инвеститорите сметаат дека конфликтите ќе траат подолго, односно дека поради заобиколување на стандардните рути ќе бидат ангажирани повеќе танкери за истата испорачана количина, со што се зголемува т.н. tonne-mile побарувачка (тон по милја) која ги диктира рекордните цени на превозот.

Новите проценки укажуваат дека ако пред овие воени интервенции транспортот на нафта со танкери во просек траел 10 дена, а сега времетраењето е тројно зголемено на речиси еден месец.

Дури и самиот американски претседател Доналд Трамп призна дека цената на нафтата во овој период ќе се зголеми, што ќе влијае и понатаму врз подгревање на инфлацијата, но цената ќе се стабилизира по завршувањето на конфликтот со Иран.

Првичниот скок на цената на нафтата од околу 7 отсто засега е балансирано со „инфузија“ на нафта од државните резерви, но најцрните прогнози се дека цената на барел нафта ќе надмине 100 долари.

Најголеми губитници во случајот со затворањето на Ормутскиот Теснец се Кина и повеќе азиски држави од каде минуваат нивните најчести рути за снабдување со нафта. Последиците ќе се почувствуваат и во Европа поради недостигот на течен природен гас од Катар кој исто така е инволвиран во конфликтот.

Поради актуелниот конфликт и таргетирањето на нафтените постројки на американските сојузници во Персискиот Залив дојде и до огромен скок на цената на природниот гас за околу 70 отсто што веднаш се забележа на европските индекси.

Првичните проценки се дека САД нема да влезе во целосна окупација на Иран со копнени сили што покажува дека сака конфликтот да трае пократко, но засега никој не може да биде сто отсто сигурен дека ова нема да прерасне во регионална војна која ќе трае со години.

Х.С.

Слично

Поврзани вести