Што пишува во бриселскиот извештај за Македонија?
Европската комисија денеска ќе го објави новиот годишен извештај за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија. Во него се оценува постигнатото во клучните области во кои Унијата очекува реформи од земјава.
Извештајот најпрвин точно напладне еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе го презентира пред Европскиот парламент. Ова ќе биде последен извештај што ќе го претстави тој, а проширувањето како ресор во иднина ќе го преземе новиот еврокомесар за соседство и преговори за проширување Јоханес Хан.
Филе попладне во Брисел ќе ги презентира извештаите и на пресконференција, а во Скопје, примерок од извештајот ќе им биде предаден и на македонските власти од страна на евроамбасадорот Аиво Орав.
Како дел од извештајот, се очекува Македонија да ја добие шестата последователна препорака од Европската комисија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Но, во документот ќе бидат содржани и сериозни забелешки, пред се за недостигот на политички дијалог, загрозена слобода на изразување, партизирано судство и јавна администрација.
Европската комисија во генералната стратегија за проширување за 2014 година наведува дека пристапниот процес на ЕУ со Македонија е во ќор-сокак и дека постои итна потреба да се реши прашањето за името, што не треба да биде изговор за недостатокот на напредок во реформите што се во интерес на граѓаните во земјата.
По извештајот, одлуката уште еднаш ќе биде во рацете на Европскиот совет, кој во декември ќе треба да се изјасни дали ќе ја прифати препораката на Европската комисија и ќе дозволи почеток на преговорите со Македонија.
Слично
