Што носи третиот столб на економски мерки за поддршка на компаниите?
Владата на Република Македонија веќе ќе го оформува и третиот столб со економски мерки за поддршка на компаниите преку конкретни државни фондови за доделување на средства, секако за тие претприемачи кои ќе ги усполнуваат конкретните услови. Ако претходно се утврдуваа правилницте за компаниите кои ќе инвестираат во зоните, како и за успешните компании кои ќе вработуваат нови луѓе и ќе го зголемат извозот, овој пат таргетирана е уште една категорија на бизниси кои заслужуваат државна финансиска поддршка за подобрување на нивната конкурентност и секако за унапредување на вработливоста и вработеноста во Македонија.
„Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата со Правилници за мерките од Планот за економски раст на Владата – столб 3. Правилниците се однесуваат на следните 4 мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и зафинансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.
Во исто време, Владата на Република Македонија ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од столб 3 од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија, составена од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за економија, Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северо-западна Македонија, соопштија од Владата.
Следно очекуваме да се одреди буџетот на програмите за финансиска подршка на компаниите, како и институциите низ кои ќе може да се аплицира за добивање на државните средства за развој на македонската економија.
Х.С.
