Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што ни направија со казните и глобите: Драстичен раст на неданочните приходи во буџетот

Што ни направија со казните и глобите: Драстичен раст на неданочните приходи во буџетот

Над 53,2 милиони евра собрала државата во првите два месеци годинава како неданочни приходи. Сумата е за дури 48,5 проценти повеќе во однос на јануари и февруари лани. Во неданочни приходи спаѓаат приходите од приофит на јавни институции, но и административните такси и глоби, и концесиите. Ова значи дека годинава за разлика од лани, државата изрекла многу повеќе глоби, наплатиле повеќе од административни такси и казни.

Податокот е од анализата на Министерството за финансии за краткорочните економски движења до февруари.

Бројките за реализација на буџетот до март пак, покажуваат дека заклучно со третиот месец годинава како неданочни приходи во буџетот се инаксирани 70,3 милиони евра, а тоа е над 23 отсто од целата сума која е предвдиена во буџетот за оваа година. Имено според проекциите, за 2019 година на име неданочни приходи се очекуваат во буџетот 301 милион евра.

До март, најголема реализација има кај ставката други неданочни приходи, каде веќе е натфрлена проекцијата за цела година или до март државата собрала за 50 отсто повеќе од тоа што го планирала за цела година.

Инаку, според податоците од финансии, даночните приходи во јануари и февруари годинава се зголемени за 6,8 отсто во однос на истиот период лани. Данокот на додадена вредност е остварен во износ од 7.870 милиони денари, што претставува зголемување за 3,9 проценти во однос на минатата година, со доминантно учество во вкупните даночни приходи од 46,6 проценти. Притоа, ДДВ е наплатен во бруто износ од 12.161 милион денари, од кои на даночните обврзници им е извршен поврат во износ од 4.290 милиони денари.

Приходите од персоналниот данок се остварени во износ од 2.532 милиона денари и забележуваат раст од 12,5 отсто на годишна основа, при што 65,8 проценти од персоналниот данок претставува приходот од данокот на плати и други лични примања, 3,1 отсто од приходи од капитал, 6,3 проценти од приходи по основ на договор на дело, 9,9 отсто од приходи од игри на среќа и наградни игри и 5,6 проценти од приходи од имот и имотни права.

Приходите од данокот на добивка во првите два месеца изнесуваа 1.786 милиони денари и забележаа поголемо остварување за 18 отсто во однос на истите месеци претходната година.

Инаку до март капиталните инвестиции беа со реализација од само 6 проценти или многу послабо од очекуваното. Премиерот Зоран Заев најави дека ќе има и ребаланс на средината на годината, ама не заради лошата реализација на капиталните расходи туку заради зголемената наплата на приходите.

А.Т.


Слично

Поврзани вести