Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што не послуша Анета Симеска Димоска за да биде разрешена од Владата?

Што не послуша Анета Симеска Димоска за да биде разрешена од Владата?

Сега веќе разрешената директорка на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска, до вторникот даваше изјави за медиумите за контролата на високите цени на основните производи, а вчера беше разрешена од Владата и на нејзино место беше назначен Горан Трајковски.

Беше контактирана од медиумите, но не сакаше да зборува за причините поради кои е разрешена. Појаснување немаше ниту од Владата, а денеска премиерот Димитар Ковачевски единствено рече „дека секогаш има подобри индивидуални решенија“.

- Директорката на пазарен е искусна во својата дејност, но сметавме дека е потребен нов кадар кој ќе внесе нова мотивација во работата, и ќе донесе нови резултати, што не значи дека Анета била лоша во својата работа, но дека секогаш има можности за подобрување, рече Ковачевски пред новинарите кога беше запрашан за разрешувањето на првиот човек на ДПИ.

Изминатиот период имаше голем притисок од јавноста за намалување на цените во малопродажбата, особено по намалувањето на цените на горивата и добивањето на поевтина струја за прехранбените компании. Министерството за економија на чело со министерот Крешник Бектеши често знаеше суптилно одговорноста да ја префрли на пазарниот инспекторат и да каже дека од таму се очекуваат резултати во однос на тоа дали се намалени цените и профитните маржи, како и евентуални казнувања, кои барем досега ги немаше. Генерално, и на двете страни аргумент им беше тоа што маркетите се уште чуваат залихи по стари набавни цени.

Изминатиот период власта на Државниот пазарен инспекторат му го наметна и спроведувањето на новоизгласаниот Закон за заштита на потрошувачи, во кој се опфатени нечесните трговски практики, но се наметна и двојазичност на декларациите, гаранциите и упатствата за употреба на производите.

„Фактор“ само на еден ден пред нејзиното разрешување разговараше со директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска, за тоа дали Пазарната инспекција врши контроли за тоа зошто цените не се намалени согласно предвидувањата. 

Директорката остана децидна на тоа дека инспекторите не можат да влијаат на цените кај трговците врз основа на поевтината струја, ниту да им даваат налог да ги сменат, ниту да ги казнуваат маркетите.

„Треба да сфатат и граѓаните, и новинарите, дека ние во тој дел не можеме да влијаеме и не можеме за таа работа да пишуваме казни“, го повтори Симеска својот став.

Симеска објасни дека во моментов Пазарниот инспекторат врши контроли кај производителите кои добија поевтина цена на струјата, во смисла дали тоа ќе се одрази и кај нивната производна цена по која ќе им продаваат на трговците, но, како што вели, документацијата е обемна, и не може веднаш да се излезе со наодите.

„Во моментов течат контролите кај производителите. Ние со нашите сознанија за тоа дали производителите ги намалуваат цените во сооднос со поевтината струја ќе излеземе на брифинг некаде во четврток, а за нашите сознанија ќе ја информираме и Владата“, објаснува Симеска.

Но, таа вели дека треба да се има предвид дека тие проверки не се лесни, бидејќи секој производител користи различни колични струја за својот производ, а некои производители, на пример, работат на нафта и дрва, така што кај нив не би требало да се очекува поевтинување согласно пеовтината струја.

Притоа, пак, треба да се има предвид дека впо последниве денови значително се поевтинети и бензините и дизелот, согласно случувањата на светските берзи.

„Има многу трговци кои уште имаат од старите залихи кои се набавени од производителите по повисоки цени, и тие не можат самоволно да им ги намалат цените, освен доколку производителот со кого имаат склучено договор, самиот не им ја намали цената на неговиот производ, па и тие да продаваат поевтино. Затоа и се очекуваше поевтинувањето да се види прво кај лебот, бидејќи тој производ се продава на дневна основа и таму има помалку залихи. Како што реков, правиме контроли и за сите наоди ќе ја информираме Владата и ќе видиме што таа ќе одлучи“, рече Симеска.

Таа беше именувана од Владата за прв човек на ДПИ во мај 2021, на местото на Стојко Пауновски, кој пак беше разрешен затоа што не сакаше да прима неквалификувани работници од Министерството за политички систем.

А.К.


Слично

Поврзани вести