Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што напиша Путин во писмото што го испрати и до Македонија?

Што напиша Путин во писмото што го испрати и до Македонија?
Рускиот претседател Владимир Путин денеска со писмо се обрати до лидерите на 18 европски држави, меѓу кои и Македонија, за да ги предупреди дека ситуацијата со украинскиот долг за гас станува критична и оти е неопходно веднаш да се стабилизира украинската економија. Тој од лидерите на овие земји побарал поддршка во таа насока наместо „ветувања кои не се проследени со соодветни акции“. „Не смееме да губиме време и веднаш мора да координираме конкретни чекори“, напишал Путин. Според него, доколку украинската страна продолжи да ги прекршува условите за исплата на гасот, рускиот енергетски гигант „Газпром“ ќе биде принуден да премине на испорака на гас само со плаќање однапред или целосно да ја прекине испораката на гас за Украина. Во моментов долговите за неплатен гас на Киев изнесуваат 1,6 милијарди евра. „Би сакал да ви предочам дека во март уште беше на сила дисконт цената, односно гасот се испорачуваше за 268,5 долари за 1.000 метри кубни. Дури и по таа цена, Украина не плати ниту еден долар“, пишува Путин во писмото. Тој потсетува оти во минатото Украина уживала попусти за испорачаниот руски гас, со што сметката на оваа земја била пониска за една третина од реалната. „Сосема сме свесни дека овој чекор го зголемува ризикот да се појават пречки за транзитот на гас и до нашите европски потрошувачи. Разбираме и дека ова ќе и отежне на Украина да акумулира доволно резерви со гас за есенскиот и зимскиот период“, додава рускиот претседател, кој апелира до европските земји и да го поделат товарот за поддршка на украинската економија. „Русија не може и не треба единствена да го носи товарот на поддршка на украинската економија преку попусти и простување на долгови, а потоа овие субвенции да се користат за Украина да си го покрие трговскиот дефицит со земјите-членки на ЕУ. Се разбира дека Русија е подготвена да учествува во напорите за стабилизирање и обнова на украинската економија. Сепак, не на едностран начин, туку под еднакви услови со нашите европски партнери“, додава Путин во писмото. Притоа, тој бара да се земат предвид реалните инвестиции, придонеси и трошоци „кои Русија досега сама ги сносеше за поддршка на Украина“. „Од наша гледна точка, само ваков пристап би бил фер и балансиран и само тој пристап може да донесе успех. Фактот што нашите европски партнери унилатерално се повлекоа од концентрираните напори за решавање на украинската криза, па дури и од одржување на консултации со руската страна, не и остава на Русија друга алтернатива“, заклучува Путин.

Освен до Македонија, писмото е испратено и до другите земји во Европа, кои се снабдуваат со руски гас: Франција, Германија, Полска, Грција, Србија, Австрија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Италија, Молдавија, Романија, Турција, Унгарија, Словачка, Чешка и Босна и Херцеговина.

Слично

Поврзани вести