ШТО НАЈМНОГУ КУПУВААТ МАКЕДОНЦИТЕ ОД „ТЕМУ“ - кинескиот бренд „растура“ на македонскиот пазар
Он лајн трговијата доживеа бум изминативе години, не само што се зголемува купувањето преку интернет платформите, истовремено расте и бројот на платформи преку кои граѓаните може да купуваат.
Еден од најбрзорастечките платформи за онлајн трговија е кинескиот бренд Тему, кој успеа да се пробие на глобалните пазари со голема брзина. Благодарение на нивните примамливи цени и агресивниот маркетинг, апликацијата успеа да примами голем број граѓани, како во светот, така и во Македонија.
Според податоците за нарачките во Македонија и информациите од доставувачите, Македонците најчесто купуваат: облека како маици, тренерки, фустани, долна облека, но и обувки односно патики, папучи, сандали.
Меѓу омилените прозиводи се и кујнски додатоци, или разни организери, калапи, силиконски прибор, садови, но и производи за домот - кутии за складирање, полици, декорации, завеси.
Следни на листата најбарани продукти се додатоците за телефони како маски, полначи, држачи, кабли, но се купува во голема мера и накит и модни додатоци како обетки, алки, часовници, чанти. Секако меѓу најкупуваните производи се и козметичките додатоци - четки за шминка, организери, лажни трепки, а во голема мера се купуваат и играчки и ситници за деца, но и мали електронски уреди како LED светилки, мини вентилатори, Bluetooth звучници.
Од она што најчесто го споделуваат Македонците на социјалните мрежи, особено се задоволни од: организери за кујна и плакари, навлаки за мебел, додатоци за автомобил, фитнес-додатоци, производи за миленици, градинарски алатки.
Но, на спротивната страна, или производи од кои купувачите не се задоволни од Тему се скапа електроника, бренд облека и обувки, но и производи каде што безбедноста е клучна, на пример детски автомобилски седишта или полначи со сомнителен квалитет.
Со подемот на Интернет порталите, он лајн продажбата континуирано расте, а потврда се и парите кои се вртат во овој бизнис.
- Последните податоците на Народната банка на Република Северна Македонија покажуваат дека е-трговијата во земјата продолжува да бележи силен раст и во 2025 година. Вкупната вредност на онлајн трансакциите достигна 950 милиони евра, што претставува раст од 32 отсто во однос на претходната година. Особено значајно е што кон домашните е-трговци се слеале 522 милиони евра, што укажува дека домашниот пазар постепено се развива и созрева – велат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Воедно додаваат дека во исто време, брзо растат и трансакциите кон странски платформи, каде е забележан раст од 45 отсто, што според нив покажува дека македонските потрошувачи сè повеќе купуваат и од глобални е-трговци.
- Според најновите податоци на Евростат за 2025 година, 60,3 отсто од интернет корисниците во Македонија купувале онлајн, што ја позиционира земјата над дел од земјите во регионот, но и понатаму под просекот на ЕУ кој изнесува 77,8 проценти. Србија е лидер во регионот со 65,9%, додека Босна и Херцеговина има 54,8%, Косово 59,2%, а Албанија и Црна Гора остануваат под 50%. Овие податоци покажуваат дека е-трговијата во регионот има силен потенцијал за раст, но и дека сè уште постои значителен простор за унапредување на довербата, дигиталните вештини, логистиката и дигиталните плаќања. Она што е особено значајно е што растот не се однесува само на купување од странски платформи, туку постепено се зголемува и бројот на домашни компании кои продаваат онлајн. Тоа покажува дека дигиталната трансформација на пазарот веќе не е иднина, туку реалност која отвора нови можности и за компаниите и за потрошувачите – прецизираат од Асоцијацијата.
Напомена: Фотографијата е креирана со вештачка интелигенција
