Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што може да биде пресудно за победа во претседателската трка?

Што може да биде пресудно за победа во претседателската трка?
Изминува првата работна недела од претседателската кампања, кандидатите и нивните карвани веќе се “залауфаа“ во крстосувањето низ Македонија и посета на што е можно повеќе населени места. Навечер митинзи, но преку ден промоции, средби со граѓани, по некоја партија шах, посета на пазар и неврзан разговор со пазарџии и купувачи. Сето тоа е дел од вообичаената слика што ја имаме видено и претходно кога требало да се бараат гласовите на обичниот “плебс“. Но, што е она што може да направи разлика меѓу секој од четворицата кандидати – Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски, Зоран Поповски и Илијаз Халими. Кои се предностите на секој од нив спореден со другите поединечно или во целина, а кои евентуалните слабости – кои на крајот – кога сè ќе се собере или одземе, може да се покажат како клучни во конечната одлука на неговото величество – гласачот, чие име да заокружи на ливчето. Мнозинството од оние што сметаат дека ги познаваат политичките состојби кај нас, на прва ќе одговорат дека – Иванов е фаворит на овие избори. Ставајќи му ги искуството од претходниот петгодишен мандат како шеф на државата и пред сè логистиката од владејачката ВМРО-ДПМНЕ – како главни столбови во поткрепа на таквата теза. Но, истите тие во продолжение веднаш и ќе дополнат дека тој во Пендаровски треба да гледа повеќе од сериозен противкандидат кој има капацитет да анимира најразлични гласачки групи кои на крајот може да направат и пресврт.
„Актуелниот шеф на државата е во предност, затоа што, пред се немаше некој посеризен гаф, иако немаше ниту посериозен успех. Второ, тој веќе е претседател, што му носи извесен бенефит. И, трето, има посилна партиска машинерија, и на крајот, добро стои кај скоро сите целни групи. Затоа очекувам неговата камапања да се фокусира на тоа да ги задржи досегашните гласови, што според рејтинзите би требало да му биде доволно за победа“, вели за Фактор политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Тој очекува неговата кампања да биде понационална, поконзервтивна и да се фокусира на патриотски теми итн.  За него најголем ризик би бил доколку Стево Пендаровски мобилизира повеќе гласови од неопределените, од независните албански гласови, од незадоволните.
„Од друга страна Стево Пендаровски е силен кандидат.  Тој има сериозен потенцијал да го надмине рејтингот на чисто партиската база на СДСМ, ако правилно ја постави кампањата.  Бидејќи тој мора да освојува територија, очекувам дека ќе се обиде да се "одвои" малку со кампањата од социјалдемократите, потенцирајќи ја својата независност. Очекувам неговата кампања да се фокусира на попрогресивен, либерален наратив.  Неговиот најголем ризик со состои во опасноста дека СДСМ поради кусото време за консолидација на новата партиска машинерија, нема да успее да му ги испорача сите потенцијални гласови на терен, како и во фактот што ДУИ, поради сопствената политичка платформа, ќе ги задржува албанските гласови дома, а тие се потенцијален контингент на Стево Пендаровски“, смета Арсовски.
Сите четворица кандидати имаат неколку сличности – имаат кариери во образованието и политиката, а првичните анкети им даваат доверба меѓу граѓаните, повисока од таа што ја имаат нивните партии предлагачи – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ГРОМ, оценува аналитичарот Сашо Клековски. Според него тоа што кандидатите ќе добијат различно ниво на доверба од граѓаните ќе зависи од личноста – карактерот и искуството, програмата, партиската поддршка, како и вкрстената поддршка од симпатизери на други политички партии и независните гласачи.
„Сите кандидати се со интегритет и чесност - СДСМ по подолго време има кандидат зад кој нема големи афери и скандали, но Иванов е во предност, бидејќи тој ги задржал тие карактеристики и дури ја вршел претседателската функција. Иванов е во почетна предност како актуелен претседател, поради присуството во јавноста изминатите пет години. Политичкото искуство на Пендаровски е ограничено на кабинетите на претседателите, додека Иванов, Поповски и Халими имаат посестрано политичко искуство“, вели за Фактор Клековски.
Според него Пендаровски со слоганот „Македонија заслужува претседател“, го дефинира својот пристап, дека би бил претседател со свој став и дека би бил инклузивен претседател. Иванов, со слоганот „Изборот е Македонија“, меѓу другите пораки дефинира јасен став за спорот за името: Република Македонија – ерга омнес.
„Сите четворица кандидати имаат повисока поддршка од партиската, што укажува на поддршка од симпатизери на други политички партии и независните гласачи. Додека Иванов влегува со одредена предност пред другите кандидати во партиска поддршка, тука се чини дека другите имаат предност. Пендаровски има јасна поддршка од независните гласачи етнички Албанци. Но доколку продолжи кампањата заснована на етничка мобилизација, вклучувајќи и повикот на ДУИ да пропаднат претседателските избори, тоа  ќе ги намали шансите на Пендаровски“, потенцира Клековски.
Иако, секој е рамноправно стартува во претседателската трка, за Арсовски нема дилеми дека Халими и Поповски се аутсајдери во однос на кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Халими се надева на албански гласови поради фактот што е единствен албански кандидат, а Поповски е кандидиран за да ги зголеми гласовите на ГРОМ на парламентарните избори.  Двата кандидата нема да добијат значителен број гласови, особено Поповски, и на крајот нивниот разултат може и негативно да се одрази на гласовите на нивните матични партии на парламентарните избори“, тврди Арсовски.
Независно дали ова ќе се обистини или не – речиси неподелена е констатацијата дека и Халими и Поповски се еден вид “тест возачи“ за своите партии. Ова особено важи за ГРОМ, која првпат се натпреварува на избори – и исходот од 13 април ќе и биде еден вид легитимација колку реално е политички “тешка“. Ф.З.
Слично

Поврзани вести