Што мислат Бугарите за предлогот Република Илинденска Македонија?
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов денеска изјави дека за неговата земја нема проблем една од варијантите за ново име на Република Македонија да биде „Република Илинденска Македонија“.
„На 1 август минатата година потпишавме договор со кој се обврзуваме заедно да ги славиме заедничките празници. Илинден е денот на најголемото востание. Мислам дека ние немаме проблеми со името. За нас е важно кога станува збор за меѓусебните односи да ја нема практиката што ја имаше досега, а тоа е да се краде историјата, да се менува и фалсификува“ – кажа тој по завршување на обуката на делови од специјалните сили на Македонија и Бугарија во реонот Станке Лисичково.
Прашањето за името, вели, е нешто што треба да го решат Македонија и Грција. Ние, потенцира Каракачанов, само се обидуваме да го помогнеме тој процес, за да се решат проблемите на Балаканот.
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Захариева рече дека Илинден е важен дел од заедничката бугарска и македонска историја.