ШТО ЛИ НЕ ЧЕКА: Извештајот за напредокот ќе се објави следната недела!
Пакетот на годишни извештаи на Европската комисија за напредок на земјите кандидатки за членство во Европската унија во процесот на интеграција, првично беше одложен и најверојатно ќе биде претставен на 10 овој месец, поточно во вторник.
Годишниот извештај за напредок на кандидатите, кои освен Македонија, ги опфаќаат и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција, Србија и Косово, оваа година прв пат ќе содржи и среднорочна стратегија за проширување на ЕУ, а форматот на извештајот ќе биде поинаков отколку во претходните години, соопштуваат од Комисијата, не откривајќи детали од новиот формат.
Една од причните што на неколку наврати досега се пролонгира објавувањето на извештајот е заради тоа што постои дилема како да гласи формулацијата за Македонија, но и поради извештајот кој се однесува на Турција. Најавата дека кон средината на наредната недела Брисел ќе го објави извештајот, говори дека на партиската четворка им се остава време од неколку дена да постигнат согласност за сите прашања кои се дел од Договорот во Пржино.
[button color="gray" size="medium" link="http://faktor.mk/2015/11/05/preporaka-ke-ima-shto-ke-sodrzhat-novite-domashni-zadachi-za-gruevski/" target="blank" ]ПРЕПОРАКА ЌЕ ИМА, НО: Што ќе содржат новите домашни задачи за Груевски?[/button]
Неповлекувањето на препораката е со цел да се одржи европската перспектива на Македонија како и да не се одрази на пошироките гео-политички движења. Она што исто така е важно е да се задржи позитивното јавно мислење меѓу македонските граѓани за ЕУ. Поточно да не се казнат граѓаните поради несериозноста на македонските политички елити и да не се дозволи заострување на односите ЕУ-Македонија.
Најверојатно препораката ќе биде условена со конкретни задачи и временски ракови до кога Владата ќе треба да направи сериозни реформски зафати и истите да ги имплементира, велат доброупатени извори за Фактор.
Да не се отежне ситуацијата
Во Брисел им е сосема јасно дека ако на Македонија и биде одземена препораката за почеток на преговори, тоа само допoлнително ќе ја отежне и онака сложената ситуација во која се наоѓа земјата. Таквиот чин би бил преседан и само би ја зајакнал позицијата на Никола Груевски кој во очите на дел од меѓународните партнери важи за премиер со антиевропска политиката, велат изворите за Фактор.
Ни малку случајно не е одбран ниту тајмингот на интервјуто на медијаторот во македонско грчкиот спор за името Метју Нимиц кој после подолго време се огласи со став дека сега е вистински момент да се постигне компромис за името .
Нејасно е како посредникот дошол до ваков заклучок ако се има во предвид дека земјата е во сериозна политичка криза, се очекува формирање на преодна Влада која ќе треба да го подготви теренот за изборите во април догодина, а во меѓувреме не се исклучува специјалниот јавен обвинител кој ги истражува случаите со прислушуавњето да покрене обвинение за незаконски дејствија .
Сепак, проценките се дека актуелизирањето на прашањето за името е дел од стратегијата на меѓународната заедница да се направи дополнителен притисок и по можност во пакет се решат неколку групни прашања.
Извори за Фактор оценуваат дека појавувањето на Метју Нимиц може да биде како „Кец на 10“ за македонскиот премиер кој би се обидел спорот со името да го искористи во своја полза, демонстрирајќи подготвеност за компромис, прикажувајќи се пред Вашингтон и Брисел како кооперативна личност се’ со цел да се спаси од евентуално гонење доколку се докаже дека бил инволвиран во инкриминирачки дејствија.
Груевски ќе го испочитува договорот, се повлекува во декември
Според непотврдени информации, македонскиот премиер изразил подготвеност во Македонија да бидат отворени два бегалски кампови, едниот на границата кон Грција а другиот кон Србија. Сосема е сигурно дека Груевски ќе го испочитува договореното и во декември ќе се повлече од премиерската позиција, а потоа ќе ја подготува партијата за изборите во април следната година.
