Што „кријат“ биографиите на министрите во новата Влада?
Новата Влада денеска доби потврда од Собранието. Вкупно 26 члена ќе има новиот владин кабинет. Меѓу нив и познати ликови, но и нови имиња. Фактор ви презентира дел од нивните професионални биографии:
1. Никола Груевски - премиер
Дипломиран економист и магистер по економски науки. „Стапи на функцијата Претседател на Владата на Република на 27 август 2006 година во Скопје, Република Македонија. Тој има силна верба во Бога, а идеалот од кој што се раководи во текот на неговиот живот и работење е константна и исклучително посветена работа за доброто и просперитетот на неговата земја. Роден е на 31 август 1970 година во Скопје“, стои во биографијата доставена во Собранието.
2. Зоран Јолевски - министер за одбрана
Познат по функциите - амбасадор и претставник на Македонија во разговорите за разликите околу името со Грција, но и генерален секретар во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски, по чиј налог ги водеше и преговорите за обнова на дипломатските односи со НР Кина. Докторира во областа на меѓународни економски односи на Економскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во февруари 2001 г. Претходно, се стекна со звање магистер на правни науки (меѓународно трговско право) на Правниот факултет во Скопје во 1991 г., а дипломира на Економскиот факултет во Скопје во 1983 г. Едно време на почетокот на својата кариера бил и меѓународен туристички водач.
3. Гордана Јанкулоска - министер за внатрешни работи
Дипломирала на Универзитетот Свети Кирил и Методиј на Правниот факултет во Скопје во 1999 година, а магистрирала во 2003 година на University of Kent, Canterbury, Велика Британија на насоката меѓународно комерцијално право на тема Нормативните ризици и странските инвестиции на Kent Law School. Кариерата ја почнала како правник во приватниот сектор. Јанкулоска говори англиски јазик а се служи и со албански јазик.
4. Аднан Јашари - министер за правда
Роден е во с. Дебреше, Гостивар и е доктор по правни науки. Неговата биографија е кратка - работел како инспектор во Управата за јавни приходи - Одделение Гостивар, а потоа во 2003 бил избран за пратеник во Собранието. Од 2011 година е професор по деловно право на Универзитетот на ЈИЕ.
5. Никола Попоски, министер за надворешни работи
Во својата биографија навел дека е роден на 24-ти октомври 1977 во Скопје, оженет е и татко на едно дете. И тој е дипломиран економист, а има две магистерски звања: Магистер по Европски економски студии на Колеџ на Европа, Бриж, Белгија и Магистер по странски јазици и меѓународна трговија: ЕУ Универзитет во Рен, Франција и Универзитет "Св. Кирил и Методиј", Република Македонија. Перфектно владее француски и англиски јазик, а на средно ниво италијански, холандски и хрватски.
6. Зоран Ставрески - вицепремиер и министер за финансии
Магистер по економски науки. Од странски јазици, одлично владее англиски јазик. Во своите квалификации навел: „Дваесет години искуство во развојни политики, со фокус на јавниот сектор и макроекономската политика. Практично искуство во дизајнирање и спроведување на економски политики и структурни реформи. Одлични аналитички и истражувачки способности. Истражувачка и уредувачка работа на тема буџетска поддршка, со објавени книги и истражувачки трудови. Богато искуство во спроведување на дијалог со приватниот сектор и меѓународните финансиски институции и развојните организации“. Кариерата ја започнал како комерцијалист во Сектор за увоз и извоз во АД Аутомакедонија.
7. Беким Незири - министер за економија
Министерот за економија не е економист. Од образование навел дека завршил Правен факултет во Тетово и постдипломски студии за Управување во јавен сектор. На позицијата министер доаѓа од функцијата директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а претходно бил директор за економски и правни работи во МАНАВ. Како лични способности и вештини навел познаваење на јазици - албански (мајчин јазик), македонски и англиски.
8. Михаил Цветков - министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
По професија е дипломиран машински инженер и магистер по роботика. Во текот на кариерата бил директор во повеќе фирми во Кратово, а последно - директор на хидросистемот „Злетовица“во Пробиштип. Од лични квалификации навел: „комуникативна личност, добра снаодливост во работа со луѓе, одговорност, снаодливост, лесна прилагодливост кон нова работна средина, лидерска способност, но и успех во тимска работа“.
9. Никола Тодоров - министер за здравство
Оженет и татко на две деца. По професија е дипломиран правник, со положен правосуден испит. Кариерата ја започнал како приправник на истражен судија во Основен суд Скопје 1 Скопје. Од организациски способности навел: „способност за тимска работа, работа во мултикултурна средина, креативност, флексибилност и амбициозност, инвентивност, комуникативност, експедитивност“. Меѓу компјутерските вештини со кои владее стои „Microsoft Office, Windows 7, искусен корисник на интерент и активен во следењето на развојот и унапредувањата на информатичките технологии и платформи“. Хоби и интереси му се литература, спортски манифестации, дигитална технологија.
10. Абдилаќим Адеми - министер за образование и наука
Дипломиран инженер по металургија на Политехнички факултет во Тирана и магистерпо технички науки на Универзитетот во Приштина. Покрај албански и македонски, зборува и италијански јазик.
11. Диме Спасов - министер за труд и социјална политика
Останува најмлад министер во македонската Влада - роден е во 1985 година. По професија е дипломиран правник на Факултетот за правни студии "Јустинијан Први" во Скопје. Од 2006 година започнува да работи како референт за правни работи Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор на Република Македонија-подрачна единица Скопје, а во 2009 година станува заменик-директор таму.
12. Љирим Шабани - министер за локална самоуправа
Фармација дипломирал на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Тетово. Специјализирал - Здравствен менаџмент и фармакоекономија. Четири години работел во аптеката „Ирис“ во Куманово, а потоа во Министерството за здравство и во Владата на Република Македонија. Како свои способности навел: „солидни менаџмент особини, работа во група и работа под стрес“.
13. Елизабета Канческа - Милевска - министер за култура
По професија е дипломиран социолог, а потоа магистрира на Европските студии за интеграција и комуникации на Филозофскиот факултет и докторира на тема „Европскиот културен модел и културно-интеграциската политика на Република Македонија". Од 1992 година, на почетокот на кариерата, работи во приватна фирма, за извоз-увоз, во областа на економско-правните работи и како менаџер, а потоа во 1998 година се вработува во Министерството за култура. На министерскат функција во ова министерство е од 2008 година.
14. Иво Ивановски - министер за информатичко општество и администрација
Дипломирал во областа на информатички науки и компјутерско инженерство на Државниот Универзитет Охајо, во градот Колумбус, Охајо (САД). Своето образование го продолжил на Франклин Универзитетот, каде во 2003 година се здобил со магистерска диплома во областа на компјутерските науки. Во биографијата не наведува ниту еден момент од неговиот личен живот ниту од своите способности и познавања.
15. Миле Јанакиески - министер за транспорт и врски
Дипломирал менаџмент и бизнис администрација на Американскиот колеџ во Солун. И од странски јазици зборува англиски и грчки. На министерската функција е од 2006 година, каде што дојде од позицијата директор на ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје
16. Нурхан Изаири - министер за животна средина и просторно планирање
Женет и татко на три деца. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Приштина, магистрирал во урбан менаџмент, а од 2013 година е докторант на архитектура и урбанизам , Факултет за архитектура во Сараево. Според неговата биографија, освен македонски и албански, одлично владее и српски, англиски, германски и француски јазик. Извесен период од својот живот работел и во Швајцарија.
17. Владимир Пешевски - вицепремиер за економски прашања
Дипломиран електротехнички инженер, насока енергетика, а потоа и магистер по деловна администрација и тоа на Универзитетот од Шефилд, Англија - програма на City College во Солун. Краткотраен советник на претседателот Борис Трајковски, во периодот по кризата во 2001, околу економски политики и мерки во областите зафатени од кризата. Од јазици зборува англиски и руски и „ останатите словенски јазици кои се говорат на Балканот“. Оженет е и татко на три деца.
18. Фатмир Бесими - вицепремиер за евроинтеграции
Во биографијата се пофалил дека е автор на две книги на англиски јазик и повеќе стручни и научни написи од областа на економијата и политиката, објавени на албански, македонски и англиски јазик во списанија во Република Македонија и странство. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а докторирал во Велика Британија.
19. Муса Џафери - вицепремиер задолжен за имплементација на Рамковен договор
Дипломирал на Економскиот факултет на Приштинскиот универзитет, магистрирал економија на Универзитетот во Цирих Швајцарија, а потоа завршил и Специјалистички студии по Педагогија на Академијата за образование на возрасни во Луцерн, Швајцарија. Во Швајцарија работел како педагог-андрогог. Тој е еден од основачите на Демократската унија за интеграција. Покрај албански и македонски, зборува и германски и француски.
20. Фуркан Чако - министер без ресор
Само три месеци е постар од најмладиот министер во македонската Влада - Диме Спасов, а неговата биографија е најобемна - цели 5 страници. Фуркан Чако е роден во 1985 година. Дипломирал Меѓународни односи на Универзитетот Гази во Анкара, Турција. Во тек му се магистерските студии по дипломатија на Универзитетот Југоисточна Европа во Тетово и на Универзитетот Матеј Бел во Словачка. Управител е на фирмата „Истриа“ во Словачка, а паралелно со тоа од 2012 година работи и како советник во македонската Влада. Од странски јазици што ги владее навел: турски, македонски, албански, српски/хрватски, англиски, чешки, словачки, а во тек му биле и курсевите за руски и германски. Како хоби во неговата биографија стои: фудбал, странски јазици, скијање, фотографија, готвење, патување.
21. Неждет Мустафа - министер без ресор
Дипломиран професор по филозофија, Филозофски факултет – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Бил уредник во Ромската редакција на Македонската Радио Телевизија. Во два наврати е избран за градоначалник на Шуто Оризари, а потоа и за пратеник во Собранието. Од 2008 е министер без ресор и Национален координатор за имплементација на Декадата на Ромите.
22. Веле Самак - министер без ресор „Од бројните странски инвестиции во Република Македонија, Министерот Самак е најзаслужен за едни од најголемите гринфилд проекти, како Џонсон Мети (УК), Дрекслмајер (ДЕ), Кромберг и Шуберт (ДЕ), Ван Хул (БЕ), Маркарт (ДЕ), и Кофикаб (ТН) со што се отворени над 9000 нови работни места и нов извоз над 1 милијарда евра годишно“, стои во неговата биографија. Во Владата е дојден од Корпорацијата Мајкрософт (Microsoft) каде бил маркетинг менаџер одговорен за американскиот пазар за производи за деловна интелигенција. Претходно работел и во Ситигруп, најголемата финансиска фирма во светот, како потпретседател во отсекот за кватнитативни истражувања. 23. Бил Павлески - министер без ресор Има две магистратури - за компјутерски науки и за бизнис менаџмент, од кои втората на Универзитетот Харвард во Бостон. Пред да дојде во Владата, работел во американска мултинационална информатичка корпорација Hewlett-Packard Company (HP), со седиште во Пало Алто, Калифорнија. Рекреативно се занимава со спорт. 24. Џери Наумоф - министер без ресор Од 1993 година бил претседател и основач на советодавната компанијата за управување со ризици Наумоф Груп. Како сериски претриемач Наумоф исто така увезувал минерална вода од Европа, бил сопственик на ресторан и ја изградил една од првите веб-апликации за човечки ресурси која што подоцна беше купена од страна на една од најголемите светски компании за човечки ресурси. Растел во Колумбус, Охајо во голема имигрантска фамилија со корени од селото Ѓавато, Македонија. Во младоста работел во ресторан, сопственост на неговата поширока фамилија. Наумоф е во брак со Лу Ан Наумоф веќе 31 година и тие имаат шест деца. Целото семејство живее во Скопје 25. Висар Фида - министер без ресор Магистер по компјутерски науки на Техничкиот универзитет во Виена. Освен албански и македонски, знае и англиски и германски јазик. На министерско место доаѓа од позицијата директор во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, а пред тоа работел и во ЕВН - Тетово како директор на Енергетскиот центар за потрошувачи. Извесно време во текот на својата кариера работел во Сименс, Австрија како проект-менаџер за продажба. 26. Горан Мицковски - министер без ресор Има тројно државјанство - австралиско, британско и македонско. По професија е дипломиран правник. Првата диплома ја стекнал на Правниот факултет во Скопје, а потоа дипломирал и магистрирал на правни науки и во Мелбурн, Австралија. Бил адвокат во Австралија, но и во Англија и Велс. Работел како консултант за инвестициско банкарство во глобални корпорации со седиште во Лондон. Од приватните интереси навел трчање - ги истрчал маратоните одржани за добротворни цели во Берлин, Бостон, Чикаго, Лондон, Њујорк и Париз, во периодот од 2007 до 2011 година. Редакција Фактор
Слично
