Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што ќе значи влезот на Веибо за македонскиот текстил?

Што ќе значи влезот на Веибо за македонскиот текстил?

Кинескиот текстилен гигант Веиобо најави голема инвестиција во Македонија - изградба на цела текстилна зона вредна 400 милиони долари, во која ќе бидат отворени 5.000 работни места.

Но, македонските текстилци се загрижени за последиците што ова може да ги предизвика врз текстилната индустрија во Македонија, објавува Дојче веле.

Политиката за привлекување на странски инвеститори, според нив, е добра стратегија, но инсистираат и тие да добиваат одредени субвенции за да можат да бидат конкурентни. Претседателот на кластерот за текстил Маријана Перковска реагира дека текстилните компании во слободните зони добиваат бенефиции кои не важат за домашните фирми.

„Наместо повластици за странските инвеститори, зошто не се бенефицираат текстилните работници? Државата, на пример, може да се откаже од дел од придонесите, но не во интерес на инвеститорите или ’газдите’, туку во полза на текстилниот работник. Со тоа ќе се подигне веројатно и интересот за оваа професија. Најголем негативен ефект за домашниот текстил е токму ова слабеење преку пореметување на двата фактора кои се клучни - работната сила и технологијата. Имено, станува збор за флуктуација на работна сила. Со оглед на фактот дека сме недоволно опремени со технологија, клучот на нашата текстилна индустрија, за жал, е токму евтината работна сила. Странските инвестиции нема да го променат овој факт, ниту ќе ја подобрат нашата домашна економија, освен како статистички податок за зголемен БДП“, вели таа за Дојче веле.

„Една фабрика ќе се отвори, други ќе се затворат. Веројатно, фабриката што ќе се гради во посебна зона, ќе користи низа бенефиции од државата, а тоа е веќе нелојална конкуренција“, вели за Плусинфо Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија и директор на светиниколската текстилна фабрика „Мода“.

Според последните статистички податоци, просечната плата во индустријата за производство на облека во Македонија е  11.120 денари. Текстилната индустрија е значајна гранка која вработува околу 40.000 луѓе во земјава и креира една четвртина од вкупниот извоз.

Првиот човек на технолошко индустриските развојни зони Виктор Мизо, верува дека влезот на Веибо во Македонија е со повеќекратен бенефит за домашната економија, но и за веќе присутните текстилни капацитети, кои ќе добијат можност од условно кажано домашна компанија да купуваат суровина за своите производи.

„Ова ќе биде најголема интегрирана текстилна зона, каде што тие ќе произведуваат не само готови производи, туку и платна и ткаенини кои ќе можат да ги купуваат и домашните компании“, вели Мизо.

Слично

Поврзани вести