Што ќе значи потпишаниот Меморандум за стечајот на ФЕНИ
Откако трите банки доверители на ФЕНИ потпишаа Меморандум со еден од заинтересираните инвеститори за покажување на намера за преземање на комбинатот банките со допис објаснуваат дека ова не е замена на стечајната постапка. Токму можноста за директен договор на банките со новиот инвеститор, а со тоа и сопственик на ФЕНИ покрена повеќе прашања во јавноста.
„По периодот во кој беше побарано од потенцијалните инвеститори за Фени Индустри да достават свои понуди во вид на Меморандум, известуваме дека во овој момент Банките разговараат со потенцијални инвеститори, а со еден од нив се потпиша Меморандум за разбирање. Мегутоа, финалната одлука за тоа кој ќе биде идниот сосптвеник на ФЕНИ ќе се носи во рамките на стечајната постапка, согласно законските одредби“ соопштуваат банките доверители.
Во тек е процесот на пријавување на побарувања од ФЕНИ и по завршувањето на законскиот рок судот повторно ќе одржи рочиште. Во меѓувреме банките доверители посочуваат дека во интерес на брзо решавање на состојбата со ФЕНИ се преземаат соодветни чекори кои ќе гарантираат дека новиот инвеститор ќе биде соодветен и ќе одговара на потребите на сите доверители.
„Обезбедените кредитори и останатите доверители заеднички треба да проценат кој план за реорганизација е најдобар за нив и за иднината на комбинатот. Нагласуваме дека интенцијата на потпишување на Меморандум со заинтересираните инвеститори не е замена за официјалната стечајна постапка, туку само легитимирање на сериозноста на потенцијалните инвеститори“ велат банките.
