Што ќе прави БиХ со џихадистите кои се вратија од Сирија?
На пет мажи кои вчера беа меѓу депортираните им е одреден тресетдневен притвор поради нивна поврзаност со тероризам, потврдија денеска од Судот на БиХ во Сараево.
Борците на Исламска држава кои вчера се вратија во БиХ јавно повикувале на масовни убиства и тероризам.
Тие со воен авион од Сирија пристигнаа во Сараево.
Соопштено е дека притворот им е одреден на Емир Алишиќ, Сеад Касуповиќ, Миралем Бербич, Јасмин Касеровиќ и Хамза Лабиби. Судот го прифатил барањето на Обвинителството на БиХ за одредување мерка притвор поради опасност од бегство.
Оваа петорка, по којашто претходно е распишана меѓународна потерница поради тероризам, е дел од групата од седум мажи кои во четвртокот во Сараево се пренесени со специјалниот лет на американското воено воздухопловство од Сирија. Другите двајца депортирани се идентификувани како Армен Џелко и Мухарем Дуњиќ, но бидејќи за нив претходно не е распишана потерница, тие се задржани во полициски притвор поради редовна кривична обработка.
Заедно со нив во БиХ се вратени и шест жени и дванаесет деца кој порано престојувале во заробеничките логори во Сирија под контрола на курдските и американските сили. Сите депортирани лица престојувале на териториите на Сирија и на Ирак кои беа под контрола на џихадистичката организација Исламска држава.
