Што ќе прават Грците со брендовите со „Македонија“?
Името „Македонија” се појавува во различни форми во брендовите на 182 грчки бизниси во сите сектори, а од нив 39 во секторот за храна и во земјоделскиот сектор, додека над 4.000 бизниси го користат терминот за опишување на еден или повеќе од нивните производи. Ратификацијата на Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје ги покрена прашањата за тоа што ќе се случува во иднина со овие производи и бизниси, пишува весникот „Катимерини”.
Најголема загриженост кај грчките бизнисмени предизвикува фактот дека компаниите во Македонија исто така ќе имаат право да го користат тоа име, па тие повикуваат на конструктивен дијалог и согласност за неопходните регулации.
Клучните детали од ова прашање не се доволно јасни, па, како што пишува весникот, експертите ги советуваат грчките бизнисмени да ги осигураат и заштитат правата на своите логоа и имиња, во согласност со постојните европски и меѓународни процедури. Трговските комори во северна Грција веќе почнаа да преземаат дејства, нудејќи правни совети и помош.
Договорот, сепак, нема да влијае на производи со заштитени потекло (POP) или географски показатели (PGE), со оглед дека нивните имиња не можат да се оспорат, бидејќи се утврдени преку одредбите, условите и одлуките на Европската унија.
фото Катимерини
