Што ќе открие истрагата за „Актор“?
Опозициската СДСМ бара од јавниот обвинител да утврди дали во случајот „Актор“ е замешан некој висок политички и владин функционер. Партијата реагираше откако јавниот обвинител објави дека за случајот со одлевањето на пари од сметката на грчката градежна фирма задолжена за изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица е отворена преткривична постапка и се блокирани сметките на две фирми, а од Управата за финансиско разузнавање признаа дека предмет водат веќе неколку месеци.
„Ако СДСМ не го обелоденеше случајот, дали оваа институција задолжена за спречување перење пари воопшто ќе проговореше? Дали до крајот на проектот на овој начин во нечиј или нечии џебови во Македонија требаше да завршат 30 милиони евра кеш?", праша денеска портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Наспроти ова, од ВМРО-ДПМНЕ бараат опозицијата да не го политизира случајот „Актор“ туку да ги остави институциите да си ја работат својата работа.
„И на СДСМ им е совршено јасно дека нема апсолутно никаква вмешаност од страна на било кои функционери, но го злоупотребуваат случајот, за кој веќе државните институции постапуваат, заради влијание врз изборниот процес, а по се изгледа под инструкција на сомнителни центри со цели спротивни на интересите на Република Македонија. Начинот на кој постапува СДСМ е крајно сомнителен во смисла на вистинските причини и инспиратори кои стојат зад вмешувањето на СДСМ во овој случај за кој државните институции веќе постапуваат“, стои во соопштението на СДСМ.
Во меѓувреме, Капитал објавува дека откако реагираа македонските институции, за случајот „Актор“ се заинтересирала и Европската инвестициска банка, која е главен кредитор за изградба на автопатот. И од таму ги проверуваат наводите за корупција и измама.
„Наводите во врска со овој проект се веќе пријавени во Генералниот инспекторат на ЕИБ и ние ќе стапиме во контакт со сите релевантни инволвирани институции“, изјавиле за Капитал од централата на Европската инвестициска банка.
Слично
