ШТО ЌЕ НИ ДОНЕСЕ ЕСЕНТА: Доктор Шеклер открива дали короната е на пауза
Српскиот вирусолог и микробиолог Миланко Шеклер за Блиц вели дека Србија не е ниту подобра, ниту полоша во одговорот на епидемијата за разлика од другите земји.
Вели дека сите биле збунети, не знаеле што да прават, затоа што вакво нешто за прв пат се случува во последните 100 години.
Објаснува дека тоа што во овој период од годината имаат по стотина заразени, покажува дека болеста не е победена.
„Вирусот ќе го истурка летото и ќе не чека кога ќе заврши сезоната на годишни одмори, кога ќе има поголема концентрација на луѓе, полни автобуси, училишта, куќи...Кога ќе почне студениот дел од годината и кога по природа на нештата ќе бидеме во затворен простор, вирусот ќе се врати“, вели тој.
Во колкава мерка ќе се врати вирусот, вели дека зависи од вакцинацијата.
„Од друга страна, таа жестина на напаѓање ќе зависи и со колку вируси ќе се тргне во тој процес. Појавата на новозаразени на дневно ниво е индикатор колку вируси имаме во трансмисија. Ако влеземе на повисоко ниво, тоа ќе биде драстично. Секако, основа на се е вакцинацијата. Ако го искористиме овој период луѓето да се вакцинираат, тогаш ќе биде многу полесно“, вели тој.
Според лекарите кои работат во вакциналните пунктови, динамиката е намалена за повеќе од 10 пати. Шеклер вели дека малку луѓе се вакцинираат затоа што е испратена порака дека се враќаме во нормала. Тој додава дека напротив, времето треба да се искористи, што повеќе луѓе да се вакцинираат. Објаснува дека долната граница за колективен имунитет е 60 отсто вакцинирани. Вели дека кога ќе надминат 60 отсто вакцинирани, тоа ќе значи дека веќе нема да се случат нови бранови и нема да има високи бројки на новозаразени.
