Што ќе донесе новата наставна програма по математика и природни науки од Кембриџ?
Авторите на учебниците по математика револтирани. Велат политиката и лошата економска состојба и сиромаштијата ги засени реалните проблеми во образованието. Реформите во овој сектор значат полнење на буџетот со санкции и парични казни, а од друга страна одлевање на парите за инвестиции во скапи наставни програми и странски учебници. Новата наставна програма од Кембриџ, по математика и природни науки за учениците во основните училишта, значи воведување на нов и сеуште несигурен систем на работа, а од друга страна и деградирање на домашните автори. Македонија, велат има квалитетен кадар по математика и природно-технички науки чие знаење е многу ценето и платено надвор, а дома истото не се почитува, а уште помалку плаќа.
Учениците од прво до трето одделение од идната учебна година ќе учат математика и запознавање на околината по наставните програми од Кембриџ. За дел од домашните автори кои долги години работеле на пишување на учебниците по математика ваквата одлука е правење од готово вересија. Стравуваат јавно да говорат за проблемите, поради притисоци. Но, велат дека домашните учебници по математика се квалитетни и современи и се пример по кој можат да се водат многу земји. Автори кои работат на учебниците, се со долгогодишно искуство, а дел од нив работеле и во Бирото за развој на образование, па така многу добро знаат низ кои се филтри треба да помине еден учебник, за да може да се користи во редовната настава во основните и средните училишта.
“Новите програми од Кебриџ сеуште не се направени , ќе ги преведуваат, ќе ја купат лиценцата, но никој не се прашува колку пари ќе чини ова?Значи тие пари наместо дома ќе одат надвор, иако имаме одлични авторски тимови, печатници, издавачи (кои за волја на вистината и малку потешко опстојуваат денес). Значи, се на се, ова ќе биде голем економски одлив на пари, според мене беспотребно, бидејќи ова е само еден пример на деградација на нацијата. Дали некој некого сака да го направи “ментално ретардиран”, не сме способни, па ќе земаме од надвор?! Краткорочно правиме штета на домашната авторска и издавачка дејност, а долгорочно на сите ученици”-вели еден од авторите на учебник по математика, кој инсистираше на анонимност. Но се прашувам зошто баш Кембриџ? –додава авторот.Па ако така гледате, Франција . Холандија, Германија имаат конкретно за математика подобри учебници, а да не зборуваме и колкава е конкуренцијата само во Англија. После стартот на оваа учебна година кога имаше влевање на еден страв помеѓу наставниците и професорите конкретно по математика, околу работните тетратки, за овој проект кој ќе ја менува комплетно наставната програма по математика и природни науки воопшто и не треба да стане збор. Стравот остана кај авторите, но поголеми ќе бидат последиците за учениците. Предавањата по математика во предметната настава задоволуваат само 50% од материјалот. Само од учебникот, и тогаш и сега тврдам, дека предавањата и стекнатите знаења се само половични, а неопходни се работните тетратки кои ќе им помогнат на учениците полесно да ја совладат материјата-вели еден од авторите на учебник по математика. Каде е конкуренцијата и транспарентноста во избор на квалитетот? Наставните програми се општествено значајна работа, велат дел од авторите, бидејќи од нив зависи квалитетот во стекнување на знаења за идните генерации. Без посебна анализа и вклучување на експертска јавност, која ќе направи широка дебата околу менувањето на наставните програми, ќе влијае на целокупниот образовен систем, неможе и не треба да се донесуваат одлуки. Ние,велат дел од нив, имаме факултети кои секоја година вадат квалитетни кадри кои можат да работат и на подготовка на учебници. Имаме плејада на автори-научници во својата област, чии професионални способности се ставени во прашање, а притоа не им се дава можност на конкурс, на пример да си ги измерат силите со било кое авторско дело на нивни колеги од странство, во случајот од Кембриџ-Англија. Зошто? Учебникарството доби друга димензија. Во него треба да се известира, оваа дејност треба да се развива, да се вложува во авторите, литературата. Лошо е што се заборава на основните начела, дека праксата треба да бира учебник. Па не сме ние некоја афричка земја во која предавањата се држат под дрво или во шатор и да зависиме од странски учебници, а уште помалку сами да си ги понижиме своите за сметка на другите. Дали овој начин кој се поткрепи и со законски измени не создаваме монопол?-прашуваат дел од авторите, конкретно, по математика. Новковски:Македонија има квалитетно учебникарство кое секојдневно полека се уништува! За поранешниот министер за образование и наука Ненад Новковски не е допустливо ад-хок да се менува структурата на наставната програма.
“Прашање е дали тој систем е компатибилен за нас? На рана возраст се потребни информации кои ќе бидат поблиску до децата, кои ќе се однесуваат на непосредната околина, на средината во којашто растат. Крајно неразбирливо и непотребно е преку примери од нешто што нашите деца не го ни виделе, да им се излага како предметна настава. За мене менувањето на наставните програми по овие два предмети од идната учебна година за програма од Кембриџ е апсолутно промаршување. Ние имаме многу постаро образование и тоа нема смисла да се менува беспотребно. Рангирањето на високообразовните институции е сосема поинаква работа, бидејќи резултатите се однесуват на висок степен на развој на науката и тука нема споредба. Но, во основното и средното о бразование, мора да се води сметка за континуитетот и традицијата. Последиците ќе бидат страшно големи. Работните тетратки за кои се направи фама беа помошен материјал. Овде зборуваме со основни задолжителни средства и може да се соочиме со проблем при нивната употреба. Се што е создавано како искуство во пренесување на математиката, не враќа на тргнување од нула. Може да се соочиме со сериозни последици и поинакви интерпретации, бидејќи се работи за комплексна материја, а да не зборувам што имаме и кадар кој учи за овие предмети. Незнам дали надлежните не разбираат, но со ова дел од нив си ја сечат сопствената гранка. Зошто на пример, ако на овој начин и со оваа динамика се оди и по другите предмети би ни требало Биро за развој на образование?Образовниот систем во секоја земја е спој на трaдиција, стекнато знаење и усовршување, а се менува само она што е неопходно, но по претходна високостручна анализа. Што ќе развиваме, веќе создадени учебници, па потоа да ги преработуваме и преадаптираме? Навистина несватливо”-додава професор Ненад Новковски. Обука за советници, совети за наставници! Од Бирото за развој на образование велат дека тимови на советници од Бирото и стручни лица од Кембриџ, веќе работат по определена динамика за адаптирање на наставните програми. Први ќе се обучуваат мастер обучувачите-советниците од Бирото за развој на образованието, а потоа и наставниците.
“Со реализирањето на оваа програма се очекува подобрување на резултатот на определени области каде што е утврдено дека подобрувањата се потребни. Нашите наставни програми суштински не се разликуваат многу од оние на Кембриџ, што значи дека во однос на целите немаме драстични разлики, колку што имаме во однос на пристапот кон содржините кои се реализираат. Ова значи дека ќе се посвети посебно внимание на методскиот пристап за реализацијата на настaвната програма.Националните особености се разбира дека ќе бидат земени во предвид, но кога станува збор за природните науки, националните особености минимално доаѓаат до израз, можеби во однос на примери со имиња на ученици и слично. Адаптација се разбира дека ќе има на сите нивоа. За учебниците се грижи Министерството за образование и наука, односно ингеренциите се во рацете на Педагошката служба, орган во состав на Министерството”-вели директорката на Бирото за развој на образование Весна Хорватовиќ.Обуките со советниците ќе почнат кон крајот на март. 4500 наставници по математика и природни науки во јуни и август ќе ги чека работно лето, бидејќи тогаш ќе се реализираат обуките за нив. Новата наставна програма по овие два предмети ќе им биде испорачана на училиштата пред почетокот на учебната 2014/2015 година. Сите ученици од прво до трето одделение ќе можат да ги изучуваат овие предмети од спетември 2014 година, на македонски, албански, турски и српски јазик. Од учебната 2015/16 програмата на Кембриџ за изучување на овие предмети , ќе биде воведена и во учебниците од 4 до 6 то одделение, а веќе од следната учебна 2016/17 година, кога треба да биде заокружен целиот проект, вакви учебници ќе воведат и за учениците од 7 до 9то одделение. С.Б.
Слично
