Што ќе се случи со договорот помеѓу Анкара и ЕУ за бегалците?
Грчкиот министер за миграциска политика, Јанис Музалас во интервју за германскиот весник „Билд“ вели дека Европската Унија треба да подготви резервен акциски план во случај Турција да се откаже од исполнување на обврските од спогодбата со ЕУ за бегалците.
Поради својата географска близина со Турција, Грција стана влезна земја за мигрантите кои сакаат да стигнат до Европа.
„Ние сме вознемирени од изјавата на турските политичари. Во секој случај имаме потреба од „план Б“- смета Музалас.
Тој бара и „почесно распределување“ на бегалците во Европа, откако некои земји, како Унгарија и Словачка, одбија да се вклучат во системот на квоти за прераспределување на мигрантите во ЕУ.
„Бегалците треба да бидат распределени во сите земји од ЕУ, а не само во одделни земји“ - вели Музалас.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу претходно изјави дека доколку ЕУ не ги укине визите за турските државјани, Турција ќе се откаже од договорот за запирање на бегалскиот прилив, што беше постигнат во месец март. Европските политичари имаа негативни реакции за оваа изјава. За нив тоа е уцена од Турција. Договорот помогна за нормализирање на ситуацијата со бегалците и мигрантите во Европа.
